Во мексиканскиот град Сан Матео загинаа 15 луѓе во крвава пресметка на две групи граѓани, спротиставени околу проект за изградба на парк на ветерни електрани.
Властите соопштија дека инцидентот се случил во неделата, во кој се убиени две жени и 13 мажи.
Според еден од преживеаните противници на изградбата на ветропарк, групата која го поддржува овој проект ги чекала на контролниот пункт за коронавирус и кон нив отворила оган од заседа, по што продолжиле да ги убиваат со камења и бетонски блокови.
Регионалното Обвинителство потврди дека загинале 15 луѓе и оти четворица инспектори го водат случајот, додека на местото на настанот се распоредени 80 полицајци и 39 припадници на националната гарда.
Противниците на изградбата на ветропаркот, главно староседелци, тврдат дека овој проект би го загрозил нивниот начин на живот, рибарење, земјоделство и светилишта.