Британската премиерка Тереза Меј денеска за време на состанокот со претседателот на САД, Доналд Трамп на самитот на НАТО во Брисел ќе изрази загриженост поради истекувањето разузнавачки податоци во американските медиуми за самоубиствениот бомбашки напад во Манчестер, објави „Гардијан“.
Британската Влада е „гневна“ поради истекувањето серија детали во врска со истрагата за нападот на концертот на американската пејачка Аријана Гранде во понеделникот, во кој беа убиени 22 лица, јави Скај њуз.
Британската министерка за внатрешни работи Амбер Рад го нарече вчера „иритирачко“ тоа што деталите за бомбашкиот напад на концертот во Манчестер „истекле“ до американските медиуми, пред да бидат објавени во Британија, наведувајќи дека за тоа разговарала со властите на САД и нагласи оти тоа не смее да се повтори.
– Британската полиција беше мошне јасна дека сака да го контролира протокот на информации за да се заштити интегритетот на операцијата…Така што иритирачки е кога информациите ќе дојдат од други извори и јас бев целосно јасна со нашите пријатели дека тоа не смее да се повтори, рече Рад.
На прашањето дали американските власти со тоа ја загрозиле истрагата, Рад одговори: „Не би одела толку далеку“.
Рад изјави дека напаѓачот од Манчестер, кој во самоубиствениот бомбашки напад во Манчестер арената уби 22 лица, најверојатно не дејствувал сам.