Британската економија ќе претрпи штети од одлуката за напуштање на EУ и покрај сигналите во економските податоци дека одразот нема да биде толку сериозен колку што предвидуваат некои аналитичари, изјави британската премиерка Тереза Меј на пат кон Кина, каде ќе учествува на самитот на Г-20, пренесоа британските медиуми.
-Ни претстојат тешки времиња, изјави Меј. „Видовме дека податоците во овој, актуелен момент, даваат противречни сигнали за ситуацијата во економијата. Сметам дека таа реагира подобро, отколку што имаше некои претскажувања по референдумот, но јас ќе бидам чесна и нема да лажам дека се е добро“.
Меј беше придружена од шефот на „Банк од Ингланд“, Марк Карни, и од министерот за финансии, Филип Хамонд, кој се залага за фискален стимул за зачувување на растот.
Запрашана за нејзиниот став за потребата од „фискален рестарт“, термин што го користеше министерот Хамонд за време на неговата посета на Кина во јули, Меј изјави дека владиниот одговор уште не е цврсто усогласен.
-Ќе го разгледаме ова прашање во зависност од податоците што ќе ги добиеме есенва, кажа таа.