Фудбалерот на Олимпик Марсеј и француски репрезентативец Ласана Диара потврди дека меѓу жртвите на терористичките напади од минатата ноќ во Париз е и неговата „сестра“.
Диара (30) беше еден од учесниците во вчерашниот пријателски натпревар меѓу Франција и Германија на „Стад Д’Франс“ кој беше една од целите на терористите.
– Трагедијата ме погоди и лично. Мојата роднина Аста Дијаките, која ми беше повеќе од сестра, е жртва на терористичкиот напад, заедно со други невини луѓе. Во овој момент на страв и терор многу е важно дека сите во Франција треба да бидат обединети, без разлика на бојата на кожа или верската припадност. Мора сите да се почитуваме и да го чуваме мирот, напиша Диара на својот Твитер профил.
Во Париз во петокот доцна навечер извршени беа неколку терористички напади во различни делови од градот и убиени се 129 лица, а преку 352 се повредени од кои стотина се во критична состојба.