Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев ги обвини земјите од НАТО за напуштањето на мораториумот за нуклеарни ракети со краток и среден дострел од страна на Русија и рече дека Москва ќе преземе понатамошни чекори како одговор.
„Најавата на руското Министерство за надворешни работи за укинување на мораториумот за распоредување ракети со среден и краток дострел е резултат на антируската политика на земјите од НАТО“, напиша Медведев на англиски јазик на социјалната мрежа X.
Медведев рече дека тоа е нова реалност со која ќе мора да се соочат сите противници на Русија.
„Очекувајте понатамошни чекори“, објави Медведев.
Руското Министерство за надворешни работи денес соопшти дека Русија повеќе не се смета себеси за обврзана со ограничувања за распоредување ракети со среден и краток дострел.
Во согласност со Договорот за елиминирање на копнени ракети со среден дострел (1.001-5.500 километри) и краток дострел (500-1.000 километри), страните се обврзаа да не произведуваат, тестираат или распоредуваат балистички и крстосувачки ракети со среден дострел (1.001-5.500 километри) и краток дострел (500-1.000 километри), како и нивните системи за лансирање, пренесува РИА Новости.
„Бидејќи нашите повторени предупредувања за ова прашање беа игнорирани и ситуацијата се развива кон вистинско распоредување на американски ракети со среден дострел во Европа и Азиско-пацифичкиот регион, руското Министерство за надворешни работи го забележува исчезнувањето на условите за одржување на едностран мораториум за распоредување на такво оружје и е овластено да изјави дека Руската Федерација повеќе не се смета за обврзана да ги почитува претходно усвоените самоограничувања“, се вели во соопштението.
Како што е наведено, раководството на земјата ќе одлучи за конкретни мерки за одговор. Тие ќе бидат засновани на меѓуресорска анализа на обемот на распоредување на американски и други западни ракети со среден дострел од копно, како и на општиот развој на ситуацијата во областа на меѓународната безбедност и стратешката стабилност.
Министерството нагласи дека чекорите на колективниот Запад водат кон акумулација на ракетен потенцијал во регионите што граничат со Русија. Ова претставува директна закана за безбедноста на земјата. Во исто време, повикот на Москва до НАТО да прогласи реципрочен мораториум за распоредување на системи за оружје претходно забранети со Договорот за нуклеарни сили со среден дострел не е возвратен.