Поранешниот руски претседател и премиер и актуелен заменик-претседател на Советот за безбедност на Руската Федерација Дмитриј Медведев уште еднаш му се закани на Западот преку Телеграм, при што се осврна и на испраќањето тенкови во Украина.
Медведев ги коментираше изјавите на западните лидери кои рекоа дека испраќањето тенкови и други видови помош за Украина е чекор насочен кон спречување на третата светска војна.
„Прво, заштитата на Украина, која никому не му е потребна во Европа, нема да го спаси трошниот Стар свет од одмазда. Второ, ако избие третата светска војна, тогаш, за жал, таа нема да се сведе на тенкови и борци. Тогаш една работа ќе биде сигурна – сè ќе биде во урнатини“, рече Медведев, кој овојпат се закани нешто посуптилно во споредба со претходните изјави во кои јасно спомна нуклеарно оружје.
„Испраќањето оружје од земјите на НАТО во Украина, обуката на нејзините војници да користат западна опрема, испраќањето платеници и спроведувањето вежби од страна на земјите од Алијансата во близина на нашите граници, ја зголемуваат веројатноста за директен и отворен конфликт меѓу НАТО и Русија“, напиша Медведев на Телеграм во мај минатата година.
„Секогаш постои ризик таквиот конфликт да се претвори во целосна нуклеарна војна. Тоа би било катастрофално сценарио за сите“, додаде тогаш Медведев.