Во италијанскиот град Бјела вчера се одржа протест под мотото „Мажи во црвени чевли“ против насилството врз жените.
Како што денеска објавија италијанските медиуми, специфичност на протестот е тоа што мажите во Италија првпат застанаа на страната на жените, кои се жртви пред се на насилство во семејството.
Мажите во црвени чевли и со црвени маски на лицето парадираа низ улиците на Бјела со цел да го осудат насилството и да покажат солидарност со жените жртви на насилство.
Иницијатор на протестот е бизнисменот Паоло Заноне, кој го организирал протестот откако италијанската новинарка Милена Габанели на Твитер напиша: „Убиваат по една жена дневно, а јас гледам дека протестираат само жени. Зарем мажите не треба да ги заштитат послабите“.
Црвената боја е избрана бидејќи таа е симбол на сите протести поради насилството врз жените.
Според статистичките податоци во Италија минатата година убиени се 91 жена, а најќесто тие биле жртви на своите партнери, сопрузи или други членови на семејството.