Целта на Администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп не е војна со Северна Кореја, изјави денеска американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис.
Матис, кој ја посети демилитаризираната зона на границата меѓу Северна и Јужна Кореја, предупреди дека, сепак, севернокорејските постапки и нивното градење на нуклеарен арсенал може да предизвикаат катастрофа.
Тој го посети контролниот пункт на јужнокорејската армија од кој може да се види добро чуваната граница, при што потенцира дека САД бараат од Северна Кореја целосно да се откаже од нуклеарното оружје.
Се проценува дека Пјонгјанг поседува 15-на атомски бомби, а нејзината армија забрзано развива проектили со кои овие бомби би можела да ги лансира до Јужна Кореја, Јапонија, па дури и до САД.
– И покрај едногласните осуди од страна на Советот за безбедност на Обединетите Нации, провокациите на Северна Кореја и натаму претставуваат закана за регионалната и глобалната безбедност. Како што кажа и државниот секретар Рекс Тилерсон, нашата цел не е војна туку целосна денуклеаризација на Корејскиот Полустров, порача Матис.
Посетата на Матис е претходница на турнејата што Трамп ќе ја има низ источна Азија во првата половина на ноември при што треба да ги посети Јапонија, Јужна Кореја, Кина и Филипините.