Масовниот убиец Брејвик со нацистички поздрав го почна сослушувањето за условно ослободување

Од:

Масовниот убиец Андерс Беринг Брејвик упати нацистички поздрав кога влезе во судот на сослушување за условна казна, каде се одлучува дали тој ќе биде ослободен откако помина повеќе од една деценија во затвор.

Брејвик, екстремно десничарски екстремист, уби 77 луѓе во најголемото мирновременско злосторство во Норвешка во јули 2011 година. Тој уби осум лица со автомобил во Осло, а потоа 69, главно тинејџери, во камп за млади од Лабуристичката партија на островот Утоја. .

Со избричена глава и облечен во темен костум, Брејвик со прстите го направи знакот на белите супремисти пред да ја крене десната рака во нацистички поздрав за да ја сигнализира својата крајнодесничарска идеологија кога влезе во судницата.

Гестот „ОК“ е всушност кампања присвоена од екстремно десничарските екстремисти од платформата 4chan и наводно ја претставува „белата моќ“. Го користеа многу десничарски групи за да ги „тролаат“ либералите, а симболот на крајот го искористија вистинските супремисти, пренесува Радио Слободна Европа.

Брејвик, исто така, донесе натписи на англиски јазик во судницата, вклучително и еден на кој пишуваше „Запрете го геноцидот над нашите бели нации“ и „Нацистичка граѓанска војна“. Подоцна му било кажано да престане да ги покажува додека обвинителството ги изнесува своите тези.

– Не сакам да видам ништо слично кога ќе зборува обвинителството, рече судијата Даг Бјорвик.

Брејвик одмавна со главата додека обвинителството ги презентираше своите аргументи, вклучително и извадок од оригиналната пресуда од 2012 година во која се вели дека обвинетиот сепак ќе биде многу опасен човек дури и по отслужувањето на 21 година затвор. Неговиот адвокат Ојштајн Сторвик изјави дека Брејвик има намера на крајот да го обезбеди своето ослободување.

Обраќајќи се пред судот, Брејвик за своите злосторства ја обвини онлајн радикализацијата од страна на мрежа на крајнодесничарски екстремисти без лидер, која, како што рече, ги мотивирала неговите напади.

– Ми го испраа мозокот, рече Брејвик. – Наредбата беше… повторно да се воспостави Третиот рајх. А како да се направи тоа одлучува секој војник, рече тој.

Брејвик, кој се опиша себеси како кандидат за пратеник, исто така рече дека ќе ја продолжи својата борба за белата надмоќ и нацистичката доминација, но по мирен пат..

Брејвик, кој сега има 42 години, отслужува максимална казна, која во Норвешка изнесува 21 година, но која може да биде продолжена на неодредено време доколку се смета за континуирана закана за општеството.

Судот Телемарк во Скиен, југозападно од главниот град, каде што Брејвик ја отслужува својата казна, ќе го разгледува случајот откако државното обвинителство во Осло минатата година го одби барањето на Брејвик за предвремено ослободување.

Постапката ќе се одвива најмногу четири дена во затворската спортска сала, која е претворена во импровизирана судница, а одлуката се очекува приближно седум дена подоцна, посочува РСЕ.

Ако неговото барање за ослободување биде одбиено, Брејвик, кој го смени официјалното име во Фјотолф Хансен, би можел да поднесе барање за ново сослушување за условна казна за една година, соопшти главната обвинителка Хулда Карлсдотир.

Брејвик го загуби случајот за човекови права во 2017 година кога апелациониот суд ја укина одлуката на понискиот суд дека неговата изолација во ќелија со три соби била нехумана.

Европскиот суд за човекови права ја отфрли следната жалба.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Масовниот убиец Брејвик не е ментално болен, тврдат норвешките психолози и психијатри

Масовниот убиец Андерс Брејвик поднесе тужба против Норвешка, му била ограничена комуникацијата со надворешниот свет

Масовниот убиец Брејвик наскоро ќе биде преместен во друг затвор

А1он

Норвежанецот кој пред 10 години уби 77 луѓе бара да биде ослободен од затвор

Ана Ололовска

Норвешкиот масовен убиец Брејвик бара да излезе од затвор идната година

Жарко Настоски

Норвешкиот масовен убиец Брејвик го смени името во Фјотолф Хансен

Наум Локоски