Шпанскиот премиер Маријано Рахој го отфрли предлогот на каталонскиот претседател Артур Мас за предвремени избори во овој североисточен регион, каде пред помалку од три недели се одржа неформален „референдум“ за отцепување од Шпанија.
Предлогот на Мас, Рахој го оцени како целосно непотребен и како „чекор што не води никаде“.
Сепаратистичкиот претседател Мас пред поголема група истомисленици во Барселона, побара одржување предвремени избори во Каталонија, означувајќи ги како „единствен начин за просепаратистичките партии посилно да притиснат (врз Мадрид) за отцепувањето на регионот“.
Редовните избори во Каталонија треба да се одржат во 2016 година.
Барањето на Мас доаѓа по „контролното изјаснување“ на Каталонците од 9 ноември за независноста на овој шпански регион, иако овој „неформален референдум“ беше забранет од владата и прогласен за нелегален од Уставниот суд.
Големо мнозинство од гласачите, од околу 80 отсто, се изјаснија за самостојноста на Каталонија, но на ова гласање излегоа само околу 50 отсто од гласачите, а тоа значи дека за отцепувањето гласале оние кои и онака ја подржуваат независноста од Шпанија, а тоа се меѓу 45 и 50 отсто од Каталонците.
Освен сепаратистичките партии, сите други, вклучувајќи ги и владејачката Народна партија и опозициските социјалисти, се противат на отцепувањето а нивните гласачи го бојкотираа гласањето.
Артур Мас се соочува со обвинување за организирање на „референдумот“ и покрај сите забрани, затоа што како јавен функционер учествувал во гласањето, за попречување на правдата и за злоупотреба на државните фондови. За случајот на Мас ќе одлучува Вишиот суд на Каталонија.
Рахој утре ќе престојува во Каталонија и во Барселона ќе се обиде да ја придобие локалната јавност за идејата за очувување на целовитоста на Шпанија.