Референдум за независност на Каталонија е неуставен и нема да се одржи, соопшти денеска шпанската Влада откако лидерот на Каталонија потпиша декрет за распишување референдум за 9 ноември.
– Никој не е над националната волја на шпанскиот народ, предупреди вицепремиерот на Шпанија Сораја Саенс де Сантамарија на прес конференција.
– Тој референдум нема да се одржи бидејќи е неуставен. Длабоко жалиме поради потегот на претседателот кој го сметаме за грешка. Тоа ќе ги подели Каталонците и ќе ги оддалечи од Европа, истакна таа.
Шпанската Влада пред Уставниот суд веќе почна процес за поништување на декретот кој го потпиша Артур Мас, претседател на шпанскиот регион Каталонија.
Шпанскиот премиер Маријано Рахој свика вонредна седница на владата за тоа прашање в понеделник.