Новородениот британски престолонаследник ќе се вика Џорџ Александер Луис, одлучиле неговите родители принцот Вилијам и војвотката од Кембриџ, Кејт Мидлтон, соопштија од Кенсингтонската палата.
„Војводата и војвотката од Кембриџ соопштуваат дека за нивниот син го одбрале името Џорџ Александер Луис. Бебето ќе биде познато како Неговото кралско височество, Принцот Џорџ од Кембриџ“, се наведува во кусото соопштение.
Принцот Џорџ е трет во редот за британскиот престол, по дедото Чарлс и по таткото Вилијам. Кога ќе стане крал, службената титула ќе му биде крал Џорџ Седми.
Во британската историја шестмина кралеви го носеле името Џорџ, а последниот од нив бил таткото на кралицата Елизабета Втора.
Инаку, малиот принц од Кембриџ е третиот правнук на кралицата Елизабета Втора.