Францускиот министер за економија Емануел Макрон изјави дека Европејците треба заедно да извршат притисок врз Русија заради пронаоѓање решение за украинската криза, со цел сите страни да можат да ги ублажат санкциите, кои го погодуваат европското стопанство.
Макрон во интервју за Асошиејтид прес во Лас Вегас изјави дека Европа има заедничка одговорност да изврши притисок врз Русија поради нејзината улога во украинската криза, јави Танјуг.
Санкциите на ЕУ, додаде тој не можат да бидат ублажени ниту укинати, доколку нема промени на руската страна.
Макрон изрази загриженост поради економските последици од санкциите врз европските компании, особено оние кои во областите на нафтата и прехранбените производи соработуваат со Русија.