Владата на Шпанија денеска ги повика регионалните каталонски власти да го распуштат Паралментот на Католинија и да распишат предвремени избори, со цел да се направи обид за изнаоѓање решение за излез од кризата што настана со одржувањето на референдумот за независност на овој шпански автономен регион.
– Би било добро да почнеме да ги затвораме раните со регионални избори, изјави портпаролот на шпанската Влада, Ињиго Мендес де Виго по денешната владина седница.
Предлогот на Мадрид доаѓа во пресрет на планираната седница на каталонскиот Парламент за в понеделник, на нкоја според најавите би требало да биде прогласена независност на Каталонија.
Шпанскиот Уставен суд вчера донесе одлука за забрана за одржување на оваа седница, нагласувајжи дека таа би се сметала за нелегална и се закани дека лидерите на каталонскиот Парламент ќе се соочат со кривична одговорност доколку го игнорираат судското решение.
Каталонскиот секретар за надворешни работи и институционални односи Раул Ромева денеска најави дека Парламентот на Каталонија сепак ќе заседава в понеделник.
– Парламентот ќе одржи седница и ќе расправа. Ќе има дебата и тоа е важно, изјави Ромева, додавајќи дека смета оти кризата ќе биде решена со политички, а не со судски мерки.