Британската Влада соопшти дека сака со Европската Унија да склучи нов договор за безбедност, што ќе дозволи продолжување на соработката во борбата со криминалот и тероризмот по Брегзит, пренесоа француските медиуми.
Владата преку коминике соопшти дека сака договор што „ќе ја претставува правната рамка за продолжување на полициската соработка, соработката во областа на безбедноста и казненото право по нашето излегување“.
Тоа, соопшти официјален Лондон, ќе овозможи да се избегне појавата на „дупки во оперативната активност“ по Брегзит, предвиден за март 2019 година.
„Ефикасната меѓународна соработка е апсолутно неопходна како за Обединетото кралство, така и за ЕУ, доколку сакаме да ја гарантираме безбедноста на нашите граѓани и криминалците да ги изведеме пред суд“, во коминикето посочи министерот за Брегзит, Дејвид Дејвис.
Работниот документ е дел од серијата текстови, во кои Лондон ги изложува своите позиции за клучните прашања по разводот од ЕУ, вклучувајќи ја и северноирската граница. Во него се очекува Владата на Тереза Меј да каже дали ќе остане во Европол – агенцијата која ги поддржува земјите членки на Унијата во борбата против организираниот прекуграничен криминал и тероризмот.