Британската Влада ја испитува можноста за покренување правна акција против Шпанија за најновата расправија со Владата во Мадрид за Гибралтар.
Во соопштението на Даунинг стрит 10 се изразува жалење околу најновиот случај со оваа британска прекуморска терирорија и однесувањето на шпанските гранични власти со воведувањето на дополнителни контроли и долги задржувања на патниците и возилата при минувањето на гибралтарско-шпанската граница.
Портпаролот на британскиот премиер изјави дека Дејвид Камерон е „длабоко разочаран“ затоа што Шпанија продолжува со спроведувањето на нововоденаата пракса.
Во текот на изминатиот викенд, патниците и возилата одново беа изложени на долги чекања во километарски колони, при влегувањето и излегувањето од Гибралтар.
Правната акција што ја најавува официјален Лондон, најверојатно би била тужба до ЕУ, што според претставникот на Даунинг стрит би бил „случај без преседан“.
Ваквата реакција на британската Влада доаѓа по најавите од Мадрид дека Шпанија размислува да го покрене случајот пред Советот за безбедност.
Најновата кавга во 300 години стариот шпанско-британски спор околу Гибрактар избувна откако гибралтарските власти почнаа да града вештачки брег во влезот на малиот залив, за да го блокираат „насилното влегување“ на шпанските рибари во територијалните води на Гибралтар.