Кабинетот на британскиот премиер Дејвид Камерон,денеска ја поздрави одлуката на Европскиот суд на правдата околу согласноста и одобрувањето за блокирањето на случаите на „социјален туризам“ за имигранти од земјите на ЕУ.
Даунинг стрит 10 соопшти дека ваквото решение на Судот во Стразбур значи поддршка на позициите на премиерот Камерон и на Велика Британија, за потребата од ограничување на досегашниот слободен пристап на европските имигранти до социјалните фондови на земјите-членки на Унијата.
Според одлуката на Европскиот суд, земјите од ЕУ во рамките на своте домашни законски овластувања, може да одбијат давање финансиска помош за невработени државјани од Унијата, ако се дојдени во некоја од членките на ЕУ за да ги користат нејзините социјални фондови.
Одлуката на Судот значи блокада за т.н. „социјален туризам“ и се однесува на случајот на една Романка и нејзиното дете кои живеат во Германија. Се верува дека пресудата може да претставува преседан по кој во иднина ќе може да се управуваат и другите земји, кои поради своите богати социјални фондови се соочуваат со имигранти кои не се дојдени за да бараат работа и за да работат, туку само да ги користат социјалните бенифиции.
Лондон се надева дека одлуката на Судот во Стразбур ќе им помогне на британските власти да исклучат определен број европски имигранти од користењето на ваквите фондови.
Британската Влада веќе ги заостри прописите за имигрантите од ЕУ, на тој начин што сега тие мора да чекаат да поминат три месеци од доаѓањето во Велика Британија, пред да може да бараат помош за нивните деца или да претендираат на помал данок поради бројот на малолетници.
Имигрантите од ЕУ сега не може да бараат социјална помош како невработени, подолго од три месеци, доколку не бараат работа.
Премиерот Камерон под притисок на евроскептиците во својата Конзервативна партија и на антиевропската УКИП, чиј рејтинг се зголемува, најави дека пред крајот на оваа година ќе го соопшти планот за доплнтелни ограничувања за имигрантите од земјите на ЕУ.