Велика Британија ќе испрати во Либија воен брод, кој ќе помогне за евакуирање на британските државјани, соопшти владин претставник.
– Бродот наскоро ќе пристигне и ќе може да превезе и граѓани од други земји, кои сакаат да ја напуштат Либија, која е зафатена од крваво насилство, потврди британскиот претставник.
Телевизијата „Скај њуз“ објави дека кралската воена морнарица го испратила бродот „Ентерпрајз“ во близина на брегот на Либија и тој би можел уште денеска да се закотви во близина на Триполи.
Моментно во Либија се наоѓаат меѓу 100 и 300 Британци.
– Египет ќе обезбеди воздушен мост од Тунис за извлекување од Либија на неколкуилјади Египќани, кои се блокирани на либиско-туниската граница, вети египетскиот амбасадор во Тунис, Ајман Мушарафа.
Околу 6.000 Египќани чекаат да бидат евакуирани, а според Мушарафа владата се ангажира да обезбеди воздушен мост за извлекување на околу 2.000 до 2.500 лица дневно.