Гардијан – Лондон
Таа е почитувана низ целиот свет. Таа надживеа 12 американски претседатели. Таа се залага за стабилност и ред. Но нејзиното кралство е во превирања, а нејзините поданици одбиваат да признаат дека нејзиното владеење еден ден ќе заврши. Токму затоа кралската палата подготви план.
Во плановите кои постојат поврзани со смртта на кралицата – а постојат повеќе верзии, кои ги поседуваат Бакингемската палата, владата и Би-Би-Си – во повеќето се предвидува дека таа ќе почине по кратко боледување. Нејзиното семејство и нејзините лекари ќе бидат присутни. Кога Кралицата Мајка почина едно попладне во сабота на Велигден во 2002 година, во Кралската колиба во Виндзор, таа имаше време да им телефонира на пријателите и да се збогува со нив, и да подари дел од нејзините коњи. Во тие последни часови од животот, главен беше најстариот лекар на кралицата, гастроентерологот професор Хјув Томас. Тој го прегледа својот пациент, го котролираше пристапот во нејзината соба и одлучуваше кои информации треба да се објават во јавноста. Врската помеѓу суверенот и поданиците е чудна и понекогаш воглавно неразбирлива. Животот на нацијата живот на личноста, а притоа врската мора да прекине.
Од палатата ќе дојдат извештаи – не многу, но доволно. „Кралицата страда од голема физичка истоштеност, придружено со симптоми кои предизвикуваат голема анксиозност, најави сер Џејмс Реид, лекарот на Кралицата Викторија, два дена пред нејзината смрт во 1901 година. „Животот на Кралот мирно оди кон својот крај“, беше конечната изјава дадена од Лорд Досон, лекарот на Џорџ Петти, во 9.30 вечерта на 20 јануари 1936 година. Набргу потоа, Досон на кралот му вбризгал 750 мг. морфиум и еден грам кокаин – количина доволна да го убие – со цел да му ги олесни страдањата на монархот и да биде дадено доволно време за печатарските машини во Тајмс да го отпечатат полоќното издание на весникот.
Очите ќе и бидат затворени и Чарлс ќе стане крал. Неговите деца ќе му ја бакнат раката. Првото службено лице кое ќе се обрати на медиумите ќе биде сер Кристофер Гејд, личниот секретар на Кралицата, поранешен дипломат кој беше вторпат одликуван за витез во 2014 година, како дел од планирањето на доаѓањето на следните на нејзиниот престол.
Како Британија ќе се справи со смртта на Кралицата
Некои можеби ќе повикуваат „Преминете кон република“, но тоа ќе овозможи преминување на модел со поскромна монархија, слично на сканинавските модели.
Гејд ќе го контактира премиерот. Кога последен пат почина британски монарх, пред 65 години, заминувањето на Џорџ Шести беше комуницирано со Бакингемската палата со клучната фраза „Хајд парк корнер“ (аголот на Хајд парк), за да се спречи телефонските оператори во центарот за телефонско поврзување да дознаат за тоа. За Елизабета Втора, планот што треба следно да се случи е познат како „Лондон бриџ“ (Лондонскиот мост). Премиерот ќе биде разбуден, ако веќе самиот не е буден, а цивилните службеници ќе го известат со „Лондон бриџ падна“ по сигурна телефонска линија. Од Центарот за глобален одговор во Форин офисот, кој се наоѓа на непозната локација во престолнината, веста ќе биде испратена до 15 влади надвор од Обединетото Кралство каде Кралицата е исто така шеф на државата, и до 36 други држави во Комонвелтот, за кои таа служеше како симболичен државник – лице познато во сништата и од неуредните цртежи на милијарди ученици уште од зората на атомското доба.
Некое време неа ќе ја нема без ние тоа да го знаеме. Информацијата ќе патува како цунами бран пред земјотрес, забележлив само со специјална опрема. Први ќе ја дознаат најважните гувернери, амбасадори и премиери. Ќе бидат отворени шкафовите со црни ленти за рака, 8 см. широки, кои ќе се носат на левата рака.
Останатите од нас ќе дознаат побрзо отколку што претходно било пракса.
На 6 февруари 1952 година, Џорџ Шести бил пронајден од страна на неговиот негувател во 7.30 утрината. Би-Би-Си не ја објавил веста се до 11.15 претпладнето, речиси четири часа подоцна. Кога принцезата Дајана почина во 4 наутро по локално време во болницата Питие-Салпетриер во Париз на 31 август 1997, новинарите кои го придружуваа поранешниот министер за надворешни работи Робин Кук на посетата на Филипините, дознаа за веста во рок од 15 минути. Веќе долги години, Би-Би-Си први дознаваат за кралска смрт, но сега нивниот монопол да бидат официјален медиум на империјата веќе не постои. Кога Кралицата ќе почине, најавата ќе тргне симултано како итна вест преку Асоцијацијата на медиуми и до медиумите низ целиот свет. Истовремено, веднаш од вратата на Бакингемската палата ќе се појави маринец во облека за жалост, ќе мине преку дворот со здодевниот розев чакал, и ќе закова известување со црни рабови на портата. Додека го прави ова, веб страната на палатата ќе биде сменета во темна, една страна, на која ќе стои истиот текст од известувањето на темна позадина. Екраните ќе почнат да светат. Ќе почне да се твита. Во Би-Би-Си ќе се вклучи „системот за алармирање во радио пренос“ (Ратс) – аларм од добата на Студената војна направен да најави напад врз државната инфраструктура. Ратс, кој е уште познат и како „монархот ќе издише“, е скоро митски дел од сложената архитектура на ритуалот и пробите за големи кралски личности кои Би-Би-Си ги одржува уште од 30-ите години од минатиот век. Многу мал дел од вработените го виделе само при тестирања; поголемиот дел воопшто не го виделе ни како функционира. „Кога и да се слушне некој чуден звук во редакцијата, некој секогаш ќе праша: Тоа Ратс ли е?, бидејќи не знаеме како тоа звучи“, ми објасни еден регионален репортер.
Сите новински организации ќе се истепаат да пуштаат филмови во етерот и некролози онлајн. Во Гардијан, заменик уредникот има листа на подготвени стории закачени на неговиот ѕид. Од Тајмс велат дека имаат подготвени текстови за објава за 11 дена. Во Скај њуз и Ај-Ти-Ен, кои со години вежбаат за смртта на Кралицата под псевдонимот „Г-ѓа Робинсон“, ќе бидат повикани експерти за кралски прашања кои веќе имаат потпишано договори ексклузивно само за тие телевизиски канали. „Ќе седам пред портите на Опатијата на голема дебатна маса и ќе коментирам за 300 милиони Американци за сето ова“, ми објасни еден од нив.
За оние кои ќе заглават во сообраќајот, или пак оние кои ќе слушаат Харт ФМ, на почетокот ќе има само суптилни индикации дека нешто се случува. Британските комерцијални радио станици имаат мрежа од сини „сигнални светла“, кои се тестираат еднаш неделно и се со цел да засветат при случај на некаква национална катастрофа. Кога веста ќе пукне, овие светла ќе почнат да светкаат, за да ги предупредат дискџокеите да се вклучат на вестите во следните неколку минути и во меѓувреме да пуштаат смирена музика. Секоја станица, дури и болничките радија, има подготвено листа со музика насловена со „Расположение 2“ (тажна) или „Расположение 1“ (најтажна), за да бидат подготвени за време на ненадејна тага. „Ако кога било ја слушнете Haunted Dancehall (Nursery Remix) од Sabres of Paradise преку ден на Радио 1, вклучете го телевизорот“, напиша Крис Прајс, продуцент во Би-Би-Си за Хафингтон пост во 2011 година. „Нешто страшно штотуку се случило“.
Подготвувањето на планови за смртта на највисоките личности од кралското семејство е пракса која вознемирува многу новинари. „Има само една приказна која мора да биде најважна од другите“, ми се пожали еден поранешен продуцент на програмата Тудеј. Веќе 30 години, тимот на вестите во Би-Би-Си мораат да работат во мирните неделни утра и да подготвуваат шегобијни вести како Кралицата Мајка се задавила од рибина коска. Еднаш дури имало и сценарио како принцезата Дајана загинала во автомобилска несреќа на автопатот М4.
Овие добро подготвени планови и не секогаш помагаат. Во 2002, кога почина Кралицата Мајка, сините светла не засветкале бидејќи некој не го стиснал копчето како што треба. На Би-Би-Си, ветеранот водител Петер Сисонс, бил критикуван што носел бордо вратоврска. Сисонс беше жртва на сменетата политика на Би-Би-Си која дојде по нападите од 11 септември, за да го смири своето покривање на вестите и да го намали бројот на кралски личности „од прва категорија“ кои се достојни да бидат целосно медиумски покриени во миговите на тага.
Последните зборови во ушите на Сисонс пред да биде вклучен во етерот биле: „Не претерувај. Таа беше многу стара жена која кога-тогаш мораше да си замине“.
Но со Кралицата нема да има никакви компромиси. Оние кои ќе ги читаат вестите ќе носат црни одела и црни вратоврски. Категорија еден е смислена токму за неа. Ќе сопрат сите програми. Телевизиските мрежи ќе се спојат. Би-Би-Си 1,2 и 4 прекинати и тивко ќе ги сменат своите звучни најави – час по физичко во селска школска сала, или лебед кој плови по езеро – пред да се обединат за вестите.
Слушателите на Радио 4 и Радио 5 ќе слушнат специфична формулација од зборови: „Ова е Би-Би-Си од Лондон“, која намерно или не, ќе го крене духот на национална вонредна состојба. Главни причини за вежбањето е да се имаат зборови кои ќе бидат соодветни за тој момент, „Со голема жалост ја правиме следнава најава“, рече Џон Снејг, презентер на Би-Би-Си кој го информираше светот за смртта на Џорџ Шести. (Веста беше повторувана седум пати, на секои 15 минути, и потоа Би-Би-Си замолкна цели пет часа).
Според еден поранешен шеф во Би-Би-Си, сличен редослед од зборови ќе се користат и за Кралицата. „Вежбите за неа се поинакви од другите членови од кралското семејство“, ми објасни тој. Луѓето ќе се вознемират, и ќе размислуваат за незамисливоста на животот со нејзиното отсуство. „Таа е единствениот монарх кој повеќето од нас го познавале“, рече тој. На екраните ќе се појават кралските симболи. Ќе се пушти националната химна. Ќе запомните каде сте се нашле во тој момент.
Кога луѓето размислуваат за современа смрт на член на кралското семејство во Британија, тие неизбежно мислат на Дајана. Починувањето на Кралицата во споредба со тоа ќе биде монументално. Можеби нема да биде сурово емоционално, но неговиот дострел ќе биде поширок, а последиците подраматични. „Тоа ќе биде баш фундаментално“, ми рече еден поранешен член на дворот.
Дел од ефектот ќе дојде од преголемата тежина на нештата кои ќе се одвиваат. Рутината за модерните кралски погреби е повеќе или помалку веќе позната. (Погребот на Дајана беше на основа на „Мостот Тај“, планот за Кралицата Мајка). Но смртта на британски монарх, и воведувањето на нов шеф на државата, е ритуал кој излегува од живата меморија: тројца од последните четворица премиери на Кралицата биле родени по нејзиното доаѓање на тронот. Кога таа ќе почине, двата дома во парламентот ќе бидат собрани, луѓето порано ќе си одат дома, а пилотите во авионите ќе им ја јават веста на патниците.
Во следните девет дена (во документите и плановите за Лондон бриџ, ова е познато како „денот Д“, „Д+1“ и така натаму) ќе има ритуални чествувања, четиридневна обиколка од новиот крал, сентиментална телевизиска програма, и собир на дипломати во Лондон кој не е виден од смртта на Винстон Черчил во 1965 година. Сепак, најголемо од сето ова ќе биде семоќното психолошко признание за кралството кое таа ќе го остави зад неа. Кралицата е последната жива врска на Британија со нашата поранешна величина – идентитетот на народот, неговото лично проблематично почитување – кое се уште е дефинирано со нашата победа во Втората светска војна. Еден водечки историчар, кого како и повеќето луѓе го интервјуирав за овој текст, но одби да биде именуван, истакна дека збогувањето на земјата со долгогодишниот монарх ќе биде величенствено. „О, таа ќе добие се“, рече тој. „Ни беше кажувано дека погребот на Черчил бил реквием за Британија како голема сила. Но всушност, сето тоа ќе заврши кога таа ќе замине“.
Ќе има семоќно психолошко признание за кралството која таа ќе го остави. Да речеме, за разлика од претседателите во САД, монархиите дозволуваат да мине многу време – во некои случаи и цел век – за да бидат испреплетени со луѓето. Второто елизабетанско доба најверојатно ќе биде запаметено како владеење со непрекинато национално пропаѓање, па дури, ако таа поживее доволно долго и Шкотска си замине од унијата, и како една дезинтеграција. Животот и политиката на крајот на нејзиното владеење ќе бидат непрепознатливи од нејзината величина и невиност на својот почеток. „Не ја обвинуваме за тоа“, ми рече Филип Зиглер, историчар и кралски биограф. „Може да се каже дека и ние заедно со неа тонеме“.
Историските филмови ќе не потсетуваат каква поинаква земја таа наследила. Посебно една видео снимка постојано и постојано ќе се врти: од нејзиниот 21 роденден, во 1947 година, кога принцезата Елизабета беше на одмор со родителите во Кејптаун. Таа беше 10.000 км. од дома и комотна во сигурноста на Британската империја. Принцезата седи на маса со микрофон. Сенка од дрво си игра на нејзиното раме. Камерата се прилагодува три или четири пати додека таа зборува, и секој пат во моментот се згрчува, покажувајќи мали знаци на аристрократска иритација. „Изјавувам пред сите вас дека сиот мој живот, без разлика дали ќе биде долг или краток, ќе ви бидам посветена вам, и на нашето големо империско семејство кому сите ние му припаѓаме“, кажува таа, истакнувајќи ги самогласките и сликата за светот кои исчезнаа.
Не е невообичаено за некоја земја да биде вовлечена во состојба на негирање додека долгото поглавје од својата историја оди кон својот крај. Кога јавно се објави дека Кралицата Викторија починала, на 82-годишна возраст, а била вдовица половина од својот живот, „шокатнта жалост… ја зафати земјата“, напиша нејзиниот биограф Литон Стречи. Во свеста на нејзините поданици, смртноста на кралицата беше незамислива; а со нејзиното заминување се одеднаш беше во ризик, и ставено во рацете на најстариот и без голема доверба син Едвард Седми. „Над нас се надвиснаа диви води“, напиша Американецот Хенри Џејмс, кој 30 години претходно се пресели во Лондон.
Споредбите со мачината која ќе ја почувствуваме со смртта на Елизабета Втора се очигледни, но без враќањето на статусот на Велика Британија од 1901 како најуспешната држава на светот. „Мораме да имаме приказни за кралските настани“, ми рече историчарот. „„За време на владеењето на Викторија, се стануваше се подобро и подобро, и се поголемо и поголемо. Со сигурност таа приказна денес не можеме да ја кажуваме“.
Резултатот од тоа се огромни забелешки за скоро се што можеме да замислиме – да зборуваме што да зборуваме или да напишеме – што ќе се случува кога Кралицата ќе почине. Ја избегнувате оваа тема како што ја избегнуваме и во рамките на нашите семејства. Тоа изгледа како добро воспитување, но исто и како страв. Пишувањето на овој текст вклучи многу интервјуа со лица од електронските медиуми, владини претставници, и поранешни вработени во палатата, од кои неколкумина директно работеле на планот „Лондон бриџ“. Скоро сите тие инситираа на целосна тајност. „Оваа средба никогаш не се случила“, ми беше кажано по еден разговор во паб за мажи на Пол Мол. Во меѓувреме, Бакингемската палата има политика да не коментира за плановите за погреб на членови на кралското семејство.
И сепак ова табу, како и речиси се поврзано со монархијата, не е сосема рационално и ја маскира паралелната реалност. Следното големо нарушување во националниот живот во Британија е, всушност, испланирано до минута. Тоа вклучува нешта од најголема важност за јавноста, ќе биде платена од нас, и дефинитивно ќе се случи. Според Одделот за национална статистика, Британка која ќе достигне возраст од 91 година – колку што наполни кралицата во април – има просечно уште четири години и три месеци. Кралицата се ближи кон крајот на своето владеење во време на најголемата тишина околу местото на Британија во светот, во време кога внатрешните политички тензии се закануваат да го растргнат нејзиното кралство. Нејзината смрт исто ќе одврзе свои дестабилизирачки сили: во воведувањето на Кралицата Камила; во сликата за новиот крал кој и самиот е веќе стар човек; и во иднината на Комонвелтот, пронајдок кој воглавно самата таа го измисли (Титулата на Кралицата како „шеф на Комонвелтот“ таа не го наследила). Премиерот на Австралија и лидерот на опозицијата сакаат земјата да стане република. Справувајќи се со тоа дека овие настани ќе бидат следните големи предизвици на Домот на Виндзор, последното кралско семејство кое се уште практикува крунисување и долговечност – заедно со комлицираноста од вољата на јавноста – во магијата на севкупното изненадување. Токму затоа планирањето на смртта на кралицата и церемониите кои ќе следуваат е толку обемно. Нејзиниот наследник е дел од саето ова. Тоа е шанса поредокот да биде афирмиран. Кралицата Викторија напишала што сака да биде ставено во нејзиниот ковчег во 1875 година. Погребот на Кралицата Мајка беше вежбан цели 22 години. Луј Моунтбатен, последниот викар на Индија, подготвил зимско и лето мени за ручек за неговиот погреб. „Лондон бриџ“ е планот на Кралицата за нејзиното заминување. „Тоа е историја“, рече една членка на дворот. Ќе има десет дена жалост и спектакуларни настани во кои, наместо да биде одразуван ликот на самиот монарх, ќе откриваме ние самите кои сме биле и ќе го избегнуваме прашањето што станавме.
Идејата е ништо да не биде непредвидено. Ако Кралицата почине во странство, воениот авион БАц 146 од 32-от ексадрон на РАФ, познат како Кралскиот лет, ќе полета од Норфолк, на западот од Лондон, натоварен со ковчег. Лондонската погребална компанија Левертон енд санс, го чуваат подготвено она што се вика „првиот ковчег“ во случај на каква било кралска итност. И Џорџ Пети и Џорџ Шести биле закопани во дабов ковчег на имотот Сандрингам во Норфолк. Ако Кралицата почине таму, нејзиното тело ќе биде пренесено во Лондон по ден или два.
Најдетални планови се што ќе се случува ако таа почине во Балморал, каде таа поминува по три месеци во годината. Ова ќе запали бран на шкотски ритуал. Прво, телото на Кралицата ќе мирува во нејзината најмала палата, во Холирудхаус, во Единбург, каде таа традиционално е чувана од Кралското друштво на стрелци, кои носат пердуви од орли во нивните капи. Потоа ковчегот ќе биде пренесен по автопатот Ројал мајл до катедралата Сент Џаилс, на прво опело, пред да биде ставено на Кралскиот воз на станицата Вејверли на бавно патување по западната крајбрежна пруга. Се очекуваат маси народ на железничките премини и на станиците долж целата земја – од Маселбург и Тирск на север до Петербороу и Хетфилд на југ – кои ќе фрлаат цвеќиња врз возот кој ќе поминува. (По него ќе оди уште една локомотива која ќе ги расчистува остатоците на пругата). „Сето ова е всушност многу комплицирано“, ми рече еден претставник од транспорт.
Во секое сценарио, телото на Кралицата ќе биде вратено во салата со тронот во Бакингемската палата, кое гледа на северо-западниот дел од Четириаголникот, внатрешниот двор во палатата. Тука ќе има олтар, висок, по кралски стандарди, и четворица гранадски гардисти, со накривени капи од мечкино крзно, со вперени пушки кон подот, и ќе чуваат стража. Во ходниците, ќе минуваат вработените кои се вработени кај Кралицата веќе 50 години, и ќе ги следат процедурите кои напамет ги знаат. „Вашиот професионализам е важен затоа што треба да ја завршиме работат“, рече еден ветеран за кралски погреби. Нема да има време за тагување, или за загриженост што ќе следува. Чарлс ќе доведе многумна од неговиот тим кога ќе биде крунисан. „Имајте на ум дека секој кој работи во палатата е всушност тука само позајмен“, рече член на дворот.
Надвор, новинарски екипи ќе се организираат на претходно определено место веднаш до портата Канада, на работ на Грин парк. “Под Мол е поставен специјален фибероптички кабел, за британски државни преноси). „Пред мене има книга со инструкции дебела десетина сантиметри“, рече еден телевизиски режисер кој ќе ги покрива церемониите, кога разговаравме по телефон. „Се е испланирано. Сите знаат што треба да сторат“. Низ целата земја, знамињата ќе бидат спуштени, а ѕвоната ќе ѕвонат. Во 1952, ѕвоното Големиот Том на катедралата Сент Пол два часа чукаше на секоја минута кога веста беше објавена. Ѕвонеа и ѕвоната во Вестминстерската опатија и ѕвоното Себастопол, кое беше донесено од Црното Море за време на Кримските војни и кое ѕвони само во случај на смрт на некој суверен, во Виндзор чукаше 56 пати – по еднаш за секоја година од животот на Џорџ Шести, од 1,27 ч. до 2,22 ч. попладнето.
Главен за церемониите ќе биде 18-от Војвода од Норфолк, ерл Маршал. Норфолкците се надлежни за кралските погреби уште од 1672 година. Во 20-от век, неколку канцеларии во палатата Сент Џејмс секогаш им се дадени на користење. Утрото на смртта на Џорџ Шести, во 1952 година, канцелариите биле реновирани. До пет часот попладнето, сите работи биле прекинати и во канцелариите биле донесени теписи, мебел и опремени со телефони, светла и греење. За време на „Лондон бриџ“, канцеларијата на Лордот Чембрлен во палатата ќе биде центарот на операцијата. Сегашната верзија на планот е воглавно дело на полковникот Ентони Мадер, поранешен раководител на коњичкиот оддел кој се пензионирал во 2014 година. Како 23-годишен гардист во 1965 година, Мадер ги предводел гардистите на погребот на Черчил. (Тој одби да зборува со мене). Владиниот тим кој ќе ги координира полицијата, обезбедувањето, транспортот и вооружените сили – ќе се оформи во Министерството за култура, медиуми и спорт. Некој ја има задачата да отпечати 10.000 влезници за поканетите гости, а првиот гостин ќе биде повикан за крунисувањето на Принцот Чарлс во рок од 24 часа.
Сите кои ќе учествуваат во конференциските повици и на масата ќе се познаваат едни со други. За тесен круг од британската аристократија и граѓанските служби, уметноста од планирање на големи погреби – распоредите до најситен детал – е израз на извесна национална компетентност. Триесет и еден човек се собрале на првиот состанок да го испланираат погребот на Черчил. „Операцијата Хоуп нот“ во јуни 1959 година, шест години пред неговата смрт. Оние кои работеле на „Лондон бриџ“ (и „Тај бриџ“, и „Форт бриџ“, погребот на Војводата од Единбург) со години ќе се допишуваат според јазикот на бирократскиот еуфемизам, во врска со „можна идна церемонија“; „иден проблем“; „некои неизбежни настани, тајмингот кој, сепак, не е баш извесен“.
Првите планови за „Лондон бриџ“ датира од шеесетите години пред да биде прочистен во детали на почетокот на овој век. Оттогаш, два или три пати годишно се организираат состаноци за различни вклучени актери (околу десетина владини оддели, полицијата, армијата, електронските медиуми и Кралските паркови) во Чрч хаус, Вестминстер, палатата, или на други места во Вајтхол. Учесниците на тие состаноци ми ги опишаа како длабоко граѓански и методични. „Сите низ светот сметаат на нас уште еднаш ова да го изведеме перфектно“, рече еден. „И ќе биде“. Плановите се надградуваат и старите верзии се уништуваат. Се разменуваат идеи и специфични вештини. Потребни се 28 минути бавно марширање од портите на Сент Џејмс до влезот во Вестминстер хол. Ковчегот мора да има лажен покрив, на кој ќе стојат кралските бесценети камења, со обрач висок барем 7,5 см.
Во теорија, се е наредено. Но во првите часови кога Кралицата ќе ја нема, за некои детали само Чарлс ќе мора да одлучи. „Се мора да биде потпишано од Војводата од Норфолк и од Кралот“, ми рече еден официјален претставник. Принцот од Велс чекаше најдолго за да го наследи британскиот трон од кој било друг наследник, и светот сега ќе се врти околу него на нова и непреминлива дистанца. „На кратко, имав нелагодно чувство дека сум оставен сам на огромната сцена“, напиша Едвард Осми за деновите по смртта и погребот на неговиот татко. Во последниве години, голем дел од работата на „Лондон бриџ“ беше фокусирана на прецизна кореографија за крунисувањето на Чарлс. „Се случуваат две нешта“, ми рече еден советник. „Има губење на еден суверен и крунисување на крал“. Планирано е да го направи првото обраќање како шеф на државата истата вечер по смртта на неговата мајка. Контролните центри – палатата, Даунинг стрит, Министерството за култура, медиуми и спорт – ќе бидат преплавени од повици во првите 48 часа. Тоа е толку долго време бидејќи при смртта на монарх многу национални организации не знаат што треба да прават. Официјалниот совет, како што беше случај последниот пат, ќе биде дека се треба вообичаено да продолжи. Ова не мора да биде случај. Ако Кралицата почине за време на Ројал ескот (најважната и најголемата коњичка трка во Британија), истата ќе биде прекината. Од крикет клубот Мерилебон рекоа дека постои голема веројатност за сличен потег ако таа почине за време на натпревар на стадионот Лордс. По смртта на Џорџ Шести во 1952 година, биле откажани сите рагби и крикет натпревари, но фудбалските мечеви продолжиле. Публиката ја пеела „Спој се со мене“ и националната химна пред почетокот на натпреварите. Националниот театар ќе затвори ако веста биде објавена пред 4 часот попладне, а ќе остане отворен ако не. Сите мечеви, вклучувајќи ги и голф, ќе бидат забранети во Ројал паркс.
Во 2014, Националната асоцијација на цивилни службеници распространи протоколи за локалните власти кои треба да ги следат во случај на „смрт на висока национална личност“. Се советува да се отворат книги на жалост – со мек повез за несоодветните пораки да бидат лесно отстранети – во градските собранија, библиотеките и музеите еден ден откако Кралицата ќе почине. Градоначалниците ќе ги покријат украсите (со црни вреќи). Во градовите во провинцијата, ќе бидат поставени големи екрани за тамошните жители да можат да ги следат настаните кои ќе се одвиваат во Лондон, и знамињата со сите можни значења, вклучувајќи ги и знамињата на плажите (но не и црвените знамиња за опасност), ќе бидат спуштени на половина копје/јарбол. Земјата мора да покаже дека знае што прави. Неодамнешна серија на инструкции до амбасадите во Лондон беше испратена пред минатиот Божиќ. Една од најголемите главоболки ќе ја има Форин офисот кој треба да се занимава со високите достоинственици кои ќе се појават од сите краеви на светот. Во Папуа Нова Гвинеја, каде Кралицата е шеф на државата, таа е позната како „мајка која припаѓа на големото семејство“. Европските кралски семејства ќе бидат сместени во палатата; останатите ќе бидат во хотелот Клариџ.
Парламентот ќе се собере. Ако е можно тоа, и двата дома ќе се соберат неколку часа по смртта на монархот. Во 1952, Домот на избраниците се собра две минути пред пладне. „Во овој момент не можеме ништо да сториме освен да покажеме спонтан израз на нашата жалост“, рече Черчил кој тогаш беше премиер. Домот повторно се собера на полноќ, кога пратениците почнаа да се заколнуваат на верност на новиот суверен. Поплави од пораки ќе почнат да пристигнуваат од парламенти и претседатели. Ќе предводат американскиот Дом на претставници. Етиопија ќе најави две недели жалост. Во Домот на лордовите, двата трона ќе бидат заменети со столица и перниче на кое ќе стои златна копија на круната.
На Д+1. Ден по смртрта на Кралицата, знамињата повторно ќе бидат кренати, а во 11 претпладне, Чарлс ќе биде прогласен за Крал. Советот за именување, кој ќе се собере во антрето покриено со црвен тепих во палатата Сент Џејмс, е претходник на парламентот. Собирот на „Духовните и привремени лордови на денешнината“ произлегува од Витанот, англо-саксонското феудално собрание кое постои повеќе од илјада години. Во теорија, поканети се сите сегашни 670 членови на Тајниот совет (тело составено од советници на суверенот на Обединетото Кралство), од Џереми Корбејн до Еџејкиел Алебуа, поранешниот премиер на Соломонските острови – но има простор за само околу 150. Во 1952, Кралицата беше една од двете жени присутни на нејзиното крунисување.
Висок свештеник, постариот цивил Ричард Тилбрук, ќе прочита формално обраќање: „Секој нека го замоли Семоќниот Бог да ја стави во своја милост нашата почината Суверен Кралица Елизабета Втора преку благословено и величенствено сеќавање…“ и Чарлс ќе ги преземе своите први должности во свое владение, заколнувајќи се дека ќе ја брани Црквата на Шкотска, и со говор за тешките обврски кои се сега негови.
В зори, главниот прозорец кој гледа кон дворот на Машкиот манастир, во источниот дел од палатата, ќе биде отстранет и ќе биде покриен со црвен филц. Откако Чарлс ќе се обрати, трубачите од Гардата на животот, кои носат црвени предуви на шлемовите, ќе излезат и ќе отсвират три експлозивни тонови и ќе го најават „Најстариот крал на оружјето“, генералот Томас Вудкок, кој ќе застане на балконот и ќе започне со ритуалот на проглсување на Кралот Чарлс Трети. „Јас прв ќе почнам“, рече Вудкок, чија официјална плата од 49,07 фунти не е покачена уште од 1830-те. Во 1952, четири филмски камери го снимаа овој момент. Овој пат ќе има милијарди гледачи. Луѓето ќе бараат знаци – во времето, во птиците кои ќе надлетуваат – поврзани со владеењето на Чарлс. Кога Елизабета беше инаугурирана, сите беа убедени дека новата кралица била премногу смирена. Оркестарот на гардистите од Студениот поток ќе ја свират националната химна на тапани кои се завиткани во црна ткаенина.
Крунисувањето само што ќе започне. Од Сент Џејмс, Најстариот крал на оружјето и десетина други хералдички симболи, кои ќе изгледаат како да излегле од скапа шекспирска продукција, ќе бидат пренесени со кочија до статуата на Чарлс Први, на почетокот на Трафалгар сквер, кој е официјалниот папок на Лондон, и повторно ќе ја прочитаат веста. Поздрав од 41-топовска салва – што ќе трае скоро седум минути – ќе бидат испукатни од Хајд паркот. „Нема да има никаква отстапка од сето ова во однос на совремието“, ми рече еден поранешен член на палатата. Насекаде ќе гледаме украсени капи и коњи. Една од грижите на електронските медиуми е како ќе изгледа толпата народ додека тие го забележуваат овој момент од историјата. „Сиот свет по ѓаволите ќе го прави ова“, рече еден уредник на вести, држејќи го својот телефон пред лицето.
На старата граница околу градот Лондон, вон Кралските судови на правдата, над лицата ќе виси црвен кабел. Градскиот маршал, поранешниот наредник и полициски детектив Филип Џордан, ќе чека качен на коњ. Хералдичките симболи формално ќе бидат предадени во градот, и ќе се појават уште повеќе труби и објави, на Кралската берза, а потоа и преку ланчана реакција низ целата земја. Пред шеесет и пет години, во Бирмингем имало 10.000 луѓе на улиците, пет илјади во Манчестер, 15.000 во Единбург. Високопозиционирани полициски офицери ќе стојат на скалите пред градските собранија, и ќе го најават новиот суверен според локалните обичаи. Во Јорк, градоначалникот ќе одржи поздравен говор за Кралицата подигнувајќи чаша направена од чисто злато.
Насекаде ќе се одвиваат исти ритуали, но истовремено новиот крал ќе излезе за да се сретне со својот народ. Од неговата иниугурација во Сент Џејмс, Чарлс веднаш ќе тргне на обиколка низ земјата, и ќе ги посети Единбург, Белфст и Кардиф, за да присуствува на служби во чест на неговата мајка и да се сретне со лидерите на локалите влади. Исто ќе има и граѓански приеми, за наставници, лекари и обични луѓе, кои треба да го истакнат духот на различност во неговото владеење. „Од првиот ден се ќе биде фокусирано на луѓето наместо на лидерите кои се дел од оваа нова монархија“, рече еден од неговите советници кој го опиша планот за прогрес на Чарлс како „Повеќе да се биде пеш надвор на улица, наместо затворен во автомобил“. Во престолнината, грандиозниот подиум на кралската смрт и крунисувањето ќе бидат архаични и збунувачки. Но секој ден понатаму, од секој друг град ќе пристигнуваат слики од новиот крал како тагува заедно со неговите поданици, воведувајќи ја неговата семоќна, осаменичка улога во јавната имагинација. „Да се гледа и да се биде виден“, ми рече советникот.
Веќе подолго време, уметноста на кралските спектакли беше наменета за послабите народи: за Италијанците, Русите и Хабсбурговците. Британските ритуални настани беа хаотични. На погребот на Принцезата Шарлот, во 1817 година, погребниците биле пијани. Десет години подоцна, капелата Сент Џорџ била толку студена за време на погребот на Војводата од Јорк, што Џорџ Канинг, министерот за ндворешни работи добил ревматска пневмонија, а бискупот на Лондон починал. „Никогаш не сме виделе толку шаренолико, толку грубо, толку лошо организирано присуство на поданици“, извести Тајмс за погребот на Џорџ Четврти во 1830 година. За крунисувањето на Викторија неколку години подоцна немаше што да се напише. Високото свештенство се загуби во своите зборови; обележувањето на троторите беше ужасно; а кралскиот јувелири направија прстен за крунисувањето за погрешен прст. „Некои нации имаат дарба за церемонии“, напиша Маркизата од Салисбери во 1860 година. „Во Англија случајот е сосема спротивен“.
Она што го знаеме за старите ритуали на монархијата е всушност воглавно смислено во доцниот 19-ти век, на крајот на владеењето на Викторија. Членовите на дворот, политичарите и уставните теоретичари, како што е Волтер Багехот, беа загрижени заради непристојната слика на Императорката на Индија која се довезе во Виндзор во кочија влечена од магаре. Ако круната требаше да се откаже од својата извршна власт, требаше да биде инспирација за лојалност и воодушевување преку други средства – а театарот беше дел од одговорот за тоа. „Колку повеќе стануваме демократски, толку повеќе ќе ни се допаѓа државата и шоуата“, напиша Багехот во 1867 година.
Опсесионирана од смртта, Викторија го планирала својот погреб на висок стил. Но токму нејзиниот син, Едвард Седми, бил најодговорен за оживување на претставата за кралското семејство. Еден член на дворот ја пофалил неговата „чудна моќ на визуелно претставување на церемониите“. Тој ја претворил отвореноста на државноста на парламентот и показните воени вежби, како што е Маршот на боите, во комплетно помодарски настани, а на својот погреб бил возобновен средновековниот ритуал во претставување на починатиот суверен во ковчег. Стотици илјади поданици поминале покрај неговиот ковчег во Вестминстер хол во 1910 година, што отвори ново чувство на интимност со телото на суверенот. До 1932 година, Џорџ Петти беше сметан за национален татко, и е првиот кој и се обрати на нацијата со говор за Божик – традиција која постои до денес – во радио обраќање кое за него го напиша Рајдојард Киплинг.
Неуредноста и оддалеченоста на монархијата во 19-иот век биле заменети со идеализирано семејство и историски церемонии во 20-иот век. Во 1909, Кајзер Вилијам Втори го фалеше квалитетот на германските воени поворки. „Англичаните не можат да се натпреваруваат со нас во овие нешта“. Сега ние знеме дека никој друг не може да ги изведува како Британците. Кралицата, која според сите мерила е практична и несентиментална личност, ја разбира театралната моќ на круната. „Треба да бидам видена за да ми верувават“, се вели дека е една од нејзините животни лајтмотиви. И нема причина да се сомневаме дека нејзината погребна облека ќе предизвика силен наплив на колективни емоции во јавноста. „Мислам дека ќе има огромен и искрен израз на длабоки емоции“, рече нејзиниот историчар Ендрју Робертс. Се ќе се врти околу неа, а реално ќе се однесува на нас. Ќе има масовна потреба да се стои по улиците, да се забележи со свои очи, да се биде дел од заедништвото. Кумулативниот ефект ќе биде просечен. „Се сомневам дека смртта на Кралицата ќе ги интензивира патриотските чувства“, ми рече еден уставен советник. „И оттука ќе се совпадне со расположението за Брегзит, ако така сакате, и ќе се интензивира чувството дека нема што да се научи од странците“.
Бранот од чувства ќе помогне да се надмине необичниот факт за наследникот. Рехабилитацијата на Камила како Војвотка од Корнвол беше притаен успех за монархијата, но нејзиното прогласување за кралица ќе биде тест до каде се стигнало. Откако таа се омажи за Чарлс во 2005, Камила беше официјално позната како Принцеза сопружничка, формулација која нема историско или правно значење („Тоа е глупост“, ми рече еден поранешен член на дворот, опишувајќи го тоа како „злонамерна навреда за Дајана“). Измислената приказна ќе заврши кога Елизабета Втора ќе почине. Под сегашниот закон, Камила ќе стане кралица – титула која отсекогаш им се давала на сопругите на кралевите. Не постои никаква алтернатива за тоа. „Таа е кралица, како и да ја нарекуваат“, рече еден професор. „Ако биде нарекувана Принцеза сопружничка, постои опасност дека таа не е достојна за тоа. Токму тука е и проблемот“. Постојат планови да се разјасни оваа ситуација пред Кралицата да почине, но сега се очекува Кралот Чарлс да ја претстави Кралицата Камила на неговиот Совет за воведување на Д+1 (Камила беше поканета да му се приклучи на Тајниот совет минатиот јуни, така што ќе биде присутна). Потврдата на нејзината титула ќе биде дел од првите хаотични 24 часа.
Другиот јзол е Комонвелтот. Во 1952, на последното воведување за тронот, имаше само осум претставници на новиот ентитет кој се обликуваше на маргините на Британската империја. Кралицата беше шеф кај седум од тие, и беше именувана за Шеф на Комонвелтот за да се вклучи самостојниот статус на Индија како независна република. Шеесет и пет години подоцна во организацијата има 36 републики, која Кралицата повремено ги посетуваше за време на своето владеење, а сега тие сочинуваат една третина од светското население. Проблемот тука е што ова улога не е наследна, и затоа не постои процедура за избор на следниот. „Ова е целосно сива зона“, вели Филип Марфи, директор на Институтот за проучување на комонвелтот при Универзитетот во Лондон. Веќе неколку години палатата дискретно се обидува да го обезбеди воведувањето на Чарлс како шеф на блокот, во отсуство на каква било друга очигледна опција. Минатиот октомври, Џулија Гилард, поранешниот премиер на Австралија, откри дека Кристофер Гејд, личниот секретар на Кралицата, ја посетил во февруари 2013, за да ја замоли за поддршка за оваа идеја. Од тогаш, согласност дадоа Канада и Нов Зеланд, но нема голема веројатност дека оваа титула ќе биде вметната во прогласувањето на Чарлс за крал. Всушност, таа ќе биде дел од дискретно меѓународно лобирање кое се води на места како Лондон, и кое ќе биде преполно со дипломати и претседатели во деновите по смртта на Кралицата. Во палатата ќе се одвиваат сериозни, важни приеми. „Не зборуваме тука за забава. Но сепак ќе мора да покажете некаква форма на почит заради фактот што тие дошле тука“, рече еден член на дворот. „Таквите собири и шетања наоколу, а татко ми се уште не е погребан, ми изгледаат несоодветни и бечувствителни“, напиша Едвард Осми во своите мемоари. Но, претставата мора да продолжи. Бизнисот ќе се измеша со тагата.
Ќе се случуваат илјадници финални подготовки во деветте дена пред погребот. Војниците ќе вежбаат по рутите од церемонијата. Ќе се вежбаат молитви. На Д+1, Вестминстер хол ќе биде затворен, исчистен и подот ќе биде покриен со 1,500 метри килим. Свеќи чии фитили веќе се запалени, ќе бидат донесени од опатијата. Улиците во околината на палатата ќе бидат претворени во церемонијални простори. Столбовите од Мол ќе бидат отстранети, а ќе бидат поставени заштитни огради за обезбедување на гостите. Има место за 7,000 столчиња на дворот за Парада на коњичката гарда и уште 1.345 на терасата на Куќата Карлтон. Во 1952, сите родондендрони на Парламентарниот плоштад биле искорнати и на жените им било забрането присуство на покривот на Адмиралитетот. „Ништо не може да се стори за да се заштитат светилките“, забележале од Министерството за инфраструктура. Ќе бидат избрани десетмината кои ќе го придружуваат ковчегот на Кралицата, и ќе го вежбаат носењето на товарот далеку од очите на јавноста, во некоја касарна. Членовите на британските кралски семејства се закопувани со олово запечатени ковчези. Ковчегот на Дајана тежел четврт тон.
Населението ќе потпадне меѓу тага и вознемиреност. Во 2002, 130 граѓани се пожалиле во Би-Би-Си за нивното интензивно покривање на смртта на Кралицата Мајка; уште 1,500 се пожалиле дека серијата „кежуалити“ била префрлена на Би-Би-Си 2. Распоредот на телевизиските програми во деновите по смртта на Кралицата повторно ќе се смени. Комедиите нема целосно да бидат симнати од Би-Би-Си, но поголемиот дел од сатиричните емисии ќе бидат. Повторно ќе се прикажува „Армијата на тато“, но нема и „За вас имам вести“. Луѓето во секој случај ќе бидат емоционално погодени. По смртта на Џорџ Шести, во едно општество кое беше многу повеќе христијанско и разграничено отколку што е ова денес, анкета за јавно мислење покажа дека луѓето негодувале заради бесконечното емитување на траорната музика, на непрекинато покривање на церемониите. „Зарем не размислуваат на старите луѓе, на болните, инвалидите?“, запрашала тогаш една 60-годишна жена. „Тоа за нив беше страшно, сета оваа мрачност“. Во еден бар во Нотинг хил, еден пијаница рекол: „Тој е без врска и сега е под земја како и секој друг“, и почнала тепачка. Социјалните медиуми ќе станат ќибрит. Во 1972, писателот Брајан Мастер проценил дека скоро една третина од нас сонувале за кралицата – таа е нашиот авторитет и одбрана за нашите мајки. Луѓето кои не се надевале дека ќе плачат, ќе заплачат.
На Д+4, ковчегот ќе биде преместен во Вестминстер хол, каде ќе биде изложен четири дена. Процесијата која ќе тргне од Бакингемската палата ќе биде првата голема воена парада од „Лондон бриџ“: од Мол, преку Коњичката гарда и покрај Ценотаф. Отприлика истиот бавен марш од палатата Сент Џејмс како за погребот на Кралицата Мајка во 2002 година, во кој биле вклучени 1,600 луѓе и била долга 800 метри. Оркестарот го свирел Бетовен и на секоја минута биле истрелувани артилериски плотуни од Хајд парк. Се проценува дека на овој потег може да се соберат скоро милион луѓе. Планот тие да бидат распоредени таму е на основа на логистиката која беше користена на лондонската Олимпијада во 2012 година.
Можно е да има и ловечки кучиња. Во 1910, ожалостените на погребот на Едвард Седми биле предводени од неговиот фокстериер, Цезар. Ковчегот, пак на неговиот син бил следен до станицата Волфертон, во Сендригам, од Џок, бел пони. Целата поворка ќе стигне до Вестминстер хол точно на пладне. Така е според тајмингот. „Биг Бен ќе почне да отчукува кога тркалата на кочијата ќе сопрат“, објасни еден телевизиски уредник. Се ќе биде фантастично подредено и прецизно ускладено до сантиметар.
Во Вестминстер хол, ќе се пеат псалми додека ковчегот се поставува на постамент покриен со виолетова покривка. Кралот Чарлс ќе се врати од неговата обиколка на народите во Кралството, за да ги предводи ожалостените. Глобусот, жезолот и империјалната круна ќе бидат поставени, војници ќе чуваат стража и потоа ќе бидат отворени портите за редицата уважени гости и народот, и кои сега ќе потечат крај Кралицата 23 часа на ден. За Џорџ Шести, поминале 203.000 поданици. Редицата била долга шест ипол километри. Палатата очекува половина милион за Кралицата. Ќе се создаде чудесна редица – врвот на организацијата на британскиот ритуал, со кантини, полиција, мобилни тоалети и странци кои претпазливо разговараат едни со други – која ќе се протега од мостот Воксал и преку реката и пак назад долж кејот Алберт. Членовите на парламентот ќе ја прескокнат редицата и ќе се најдат на нејзиниот почеток.
Под костеновиот покрив на холот, ќе се има чусвтвото дека се е фантастично организирано, затоа што и ќе биде така. Во интерниот извештај на 47 страници кој беше направен по погребот на Џорџ Шести, се предлага поставување на метални тркалца на постаментот, за понепречено поставување на ковчегот кога ќе пристигне. Четворица војници ќе стојат по 20 минути во безгласно бдееење, а двајца ќе стојат во резерва. РАФ, армијата, кралската морнарица, бифитерите (церемонијалната гарда), гурките (непалските војници во британската армија) – сите ќе земат учество. Највозрасниот офицер од сите тие ќе стои до дното, а најмладиот на челото од ковчегот. Венците покрај ковчегот ќе се обновуваат секој ден. Кога Черчил лежеше изложен во ковчегот во 1965 година, реплика од холот беше направена во блискиот хотел Сент Ермин, за војниците да можат да ги вежбаат движењата пред да стапат на должност. Во 1936, четирите сина на Џорџ Петти го обновија принцовото бдеење, во кое членовите од кралското семејство доаѓаат ненајавено и застануваат простум. Децата и внуците на Кралицата – меѓу кои првпат и жените – ќе го сторат истото.
Пред изгрејсонцето на Д+9, денот на погребот, во тивката сала, од ковчегот ќе бидат симнати бесценетите камења и ќе бидат исчистени. Во 1952, на тројца јувелири им требаа скоро два часа да ја отстранат сета прашина. „Дијамантот Ѕвездата на Африка, која стои на кралскиот скиптар, е втор по големина дијамант на светот). Поголемиот дел од земјата ќе објави неработен ден. Продавниците ќе бидат затворени, или ќе имаат двократно работно време. Некои од нив ќе истакнат фотографија на Кралицата во излозите. Берзата нема да отвори. Вечерта претходно, во градовите низ целото Обединето Кралство ќе има служби во црквите. Постојат и планови ако е потребно да се отворат фудбалските стадиони за комеморативни служби.
Во девет часот утрината, Биг Бен ќе зачука. Клатното кое удира на ѕвоното тогаш ќе биде замотано со неколку милиметри дебела кожа, и звукот ќе биде пригушен. Оддалеченоста од Вестминстер хол до опатијата е само неколку стотини метри. Оваа пригода ќе изгледа познато, иако всушност е нова: Кралицата ќе биде првиот британски монарх кој ќе биде погребан во опатијата од 1760 наваму. Внатре ќе седат 2.000 гости. Телевизиските камери, скриени во столбови со офарбани цигли, ќе трагаат по слики кои ќе бидат запаметени. Во 1965, пристанишните работници ги натопија своите кранови во чест на Черчил. Во 1997, тоа беше зборот „мама“ на цвеќињата за Дајана од нејзините синови.
Кога ковчегот ќе стигне до портите на опатијата, во 11 часот, земјата ќе замолкне. Тропотот на коњските копита ќе сопре. Железничките станици ќе сопрат со известувањата. Автобусите ќе сопрат и возачите ќе излезат покрај патот. Во 1952, во ист момент, сите патници од летот од Лондон за Њујорк станале од седиштата простум, на 6.000 метри над Канада, и ги наведнале главите.
Тогаш, сепак, нештата биле појасни, или барем изгледале така. Кралот кој пелтечел бил дел од поразениот британски начин на живеење кој преживеал егзистенцијална војна. На венецот кој Черчил го поставил пишувало: „За бестрашниот“. Коментатор за Би-Би-Си во 1952 година, човек кој дешифрирал рубини и ритуали за нацијата, бил Ричард Димблби, првиот британски репортер кој влегол во концентрациониот логор Берген-Белсен и известил за тамошните злосторства, седум години претходно. „Колку вистинити се вечерва тие изјави кажани од непознат човек за својот сакан татко“, мрморел Дамблби, опишувајќи им го лежењето во ковчегот на милиони луѓе. „Залезот од неговата смрт го обои небото над целиот свет“.
Трубите и древноста се доказ за нашето преживување, а младата ќерка на кралот ќе владее во мир. „Овие кралски церемонии претставуваат декаденција, достоинство, традиција, и јавна обврска, како спротивност на гнасотилаците кои ги правеле нацистите“, како што ми рече еден историчар. Монархијата ја замени моќта за театарот, и во времето по војната, илузијата стана помоќна отколку што кој било можеше за замисли. „Тоа беше возобновувачко“, ми рече Џонатан Дамблби, син на Ричард и биограф.
Неговиот брат Дејвид најверојатно овој пат ќе биде зад микрофоните на Би-Би-Си. Прашањето е кои ѕвона и амблеми и грбови сега тој ќе претствува. Во кој момент помпезноста на империјалистичката монархија станува бесмислена и покрај околностите за нацијата во исчезнување?
„Загрижува тоа што тие се гледаат како циркуски животни“, ми рече историчаротр.
Ако монархијата постои како театар, тогаш овој сомнеж е дел од драмата. Можат ли сепак да ја укинат? Со сето она што го знаеме сега во 2017, како е тогаш можно дека само еден човек може да ја содржи душата на нацијата? Поентата на монархијата не е да даде одговор на такво прашање. Туку треба да продолжи. „Колку многу време од нашиот живот трошиме на глумење“, често велеше Кралицата Мајка.
Во опатијата ќе зборува архиепископот. Додека траат молитвите, телевизиските камери ќе се воздржат од снимање на лицата на кралското семејство. Кога ковчегот повторно ќе се појави, оние кои го носат ќе го постават на количка со зелен топ која се користела за татко и на Кралицата, и за неговиот татко и за таткото на неговиот татко, а 138 млади морнари ќе ги наведнат главите до гради и ќе ја повлечат кочијата. Традицијата да се биде влечен од Кралската морнарица почнала во 1901, кога погребните коњи на Викторија, сите бели, се преплашиле на станицата Виндзор и голема група лица со овластувања наместо нив почнале да ја влечат кочијата со ковчегот.
Потоа поворката ќе сврти кон Мол. Во 1952, воените авиони на РАФ биле приземјени во чест на Кралот Џорџ Шести. Во 2002, во 12,45 еден бомбардер Ланкастер и два Спитфаери надлетале над домот во чест на неговата сопруга и отпоздравиле со крилата. Масата народ ќе биде длабоко ожалостена за Кралицата. Таа ќе ги добие сите почести. Од Хајд парк, поворката ќе оди 23 милји по патот до замокот Виндзор, каде се закопани телата на британските суверени. Кралското семејство ќе ја чека застанати во тревникот. Потоа портите ќе се затворат и камерите ќе сопрат со преносот. Во капелата, лифтот кој води до кралскиот гроб ќе се спушти, Кралот Чарлс ќе фрли грст црвена земја од сребрениот сад.