Планираниот напад врз седиштето на поглаварот на Римокатоличката црква, според проценката на Ватикан, не е релевантен, бидејќи такви закани датираат од 2010 година и затоа денеска не се од посебно значење, соопшти портпаролот на Ватикан Федерико Ломбарди.
„Од она што се чини, тие (безбедносните закани) се однесуваат на претпоставките што датираат од 2010 година, а не се остварија. Затоа денеска тие не се релевантни и нема причина за посебна загриженост“, наведе Ломбарди во писменото соопштение, откако главниот обвинител на Каљари, Мауро Мура, ја обелодени заверата за напад врз Ватикан, пренесоа американските медиуми.
Мура на новинарите им кажа дека имало индиции дека осомничени лица за тероризам, кои планирале напади во Пакистан и Авганистан, исто така, планирале напад врз Ватикан.
Полицијата денеска спроведе рации ширум Италија и нејзина цел биле 18 лица осомничени за врски со Ал Каеда.
Некои се уапсени, вклучувајќи го и осомничениот духовен лидер, но се верува дека другите ја напуштиле земјата, додаваат британските медиуми.
Шефот на полициската единица што ја води истрагата, Марио Карта, на новинарите им изјави дека во пресретнатите телефонски разговори се слушнало дека осомничените зборуваат за почнување голем џихад во Италија и дека во тие разговори, како можна цел, се споменува и Ватикан.
Сите осомничени се Пакистанци или Авганистанци, наведе Карта за британските медиуми, додавајќи дека операцијата е се уште во тек.