Про-британски лојалисти синоќа нападнаа полициска патрола поради одлуката британското знаме да биде симнато од градското собрание во Белфаст, што предизвика серија протести веќе осми ден по ред.
Околу 15 маскирани лица се одвоиле од групата демонстранти и нападнале полициско возило, фрлајќи „молотов коктел“ во неговата внатрешност додека во возилото се наоѓал еден полицаец.
Полицаецот успеал да излезе неповреден, а полициската служба на Северна Ирска соопшти дека инцидентот ќе биде разгледан како обид за убиство, јави Танјуг.
Инцидентот е еден во серијата протести низ градот во текот на кои полицијата беше нападната со камења и огнени направи. На најмалку две локации, полицијата употреби водени топови за растерување на демонстрантите.
Бранот улични насилства избувна откако пратениците минатиот понеделник изгласаа отстранување на знамето. Британското знаме се виореше на градското собрание во главниот град на Северна Ирска секојдневно, откако е отворено во 1906 година.
Според одлуката усвоена во понеделникот, знамето ќе се виори само 17 одредени денови во годината, вклучително државни празници.
Про-британските политичари ја обвинија лојалистичката паравоена формација Алстерски доброволци дека стои зад протестите, како и дека ги користи социјалните мрежи за организирање на протестите.
Најмалку 3.600 луѓе загинаа за три децении во текот на кои католичките националисти, кои се залагаат за обединување со Ирска, се бореа против британските безбедносни сили и претежно протестантски лојалисти кои сакаат да останат во рамките на Велика Британија.
Мировниот договор од 1998 година во најголем дел се почитува, иако екстремистичките националисти изминатите години ги интензивираат нападите, а односите меѓу двата табори се тензични и протести има на неколку месеци.