Литванските граѓани со право на глас вчера истовремено со учеството на парламентарните избори, учествуваа и на консултативниот референдум, на кој единственото прашање беше „Ја поддржувате ли изградбата на новата нуклеарна централа во Република Литванија?“.
Со „не“ одговорија 61,75 проценти од учесниците на референдумот, а 34,75 проценти гласаа со „да“, покажуваат делумните резултати, објавени од Централната изборна комисија.
На референдумот учествувале над 50 проценти од регистрираните гласачи, што е неопходен услов резултатите да бидат признати за валидни.
Проектот за изградба на нуклеарна централа во Визагинас беше разработен со цел да се замени реакторот „Игналина“, кој беше сопрен во 2009 година во согласност со ангажманите на Литванија за приклучување кон Европската унија во 2004 година. Проектот, кој од Парламентот беше одобрен ова лето, е предвидено да биде реализиран заедно со соседните земји Летонија и Естонија.