Лидерот на Слободарската партија и пратеник во холандскиот Парламент Герт Вилдерс денеска пред судот е прогласен за виновен за дискриминација и поттикнување омраза против Мароканци, но казна не му е изречена.
Судот наведе дека неговите антиисламски коментари се неприфатливи, а претседавачот Хендрик Стенхуис изјави дека казната нема да биде изречена бидејќи тоа што е прогласен за виновен е „доволна казна за демократски избраниот пратеник“.
Вилдерс не присуствуваше на изрекувањето на пресудата, а претходно судскиот процес го нарече „политички мотивирана шарада“.
Набрзо после пресудата Вилдерс на Твитер напиша: без оглед на пресудата, ќе продолжам да ја зборувам вистината за мароканскиот проблем и во тоа нема да ме запре ниту еден судија, политичар или терорист.
Тој на еден партиски собир во 2014 година порача дека ќе се погрижи да има помалку Мароканци во неговата земја.