Лидерот на Шин Феин ослободен од притвор

Од:

Лидерот на сеирската националистичка партија Шин Феин, Џери Адамс, синоќа е пуштен на слобода по четири дена минати во притвор во полициската станица во Антрим, без да биде покренато какво и да било обвинение против него.

Неговиот случај му е предаден на Јавното обвинителство во Северна Ирска, кое сега треба да ги испита доказите со кои располага полицијата и да утврди дали Адамс може да биде и формално обвинет, како и тоа какво би било обвинувањето.

Ослободувањето уследи откако поминаа и вторите 48 часа притвор, што локалниот суд во Антрим и ги одобри на полицијата по апсењето извршено минатата среда во доцните вечерни часови. Пуштањето на Адамс без да биде обвинет од полицијата, покажува дека таа во изминатите четири дена не успеала самата да обезбеди доволно цврсти докази за обвинување.

Адамс (65) доброволно се појави на информативен разговор во полицијата по претходно постигнатиот договор со дететктивите. Во полициската станица му било кажано дека е уапсен и е задржан на сослушување.

Апсењето на лидерот на најголемата партија на католиците, Шин Феин уследи по изјава на поранешен припадник на ИРА дека Адамс „бил вклучен“ во убиството на Џин Меконвил од 1972 година.

Оваа мајка на десет деца била насила одведена од својата куќа во Белфаст од страна на припадници на ИРА и обвинета како шпион на британската војска во Северна Ирска. Подоцна е ликвидирана на тајна локација, а нејзиното тело беше откриено на една плажа во Ирска во 2003 година.

Адамс и порано и сега тврди дека е невин, како и дека нема никаква врска со ова убиство. – Постои една потхранувана, злонамерна и невистинита кампања за моја вмешаност во ова убиство, изјави тој доцна синоќа по ослободувањето.

На прес-конференција во Белфаст тој рече дека уште пред два месеци контактирал со полицијата околу случајот со Џин Меконвил. Адамс откри дека во текот на  испитувањето, полицијата користела стари снимени изјави на припадници на паравоените групи од времето на судирите меѓу католиците и протестантите, како и изјави на лица за кои тој тврди дека биле противници на мировниот процес во Северна Ирска.

– Не отидов во полицијата за да барам специјален третман за мене, но апсењето испрати погрешен сигнал, рече Адамс, додавајќи дека е погрешен тајмнингот на апсењето, среде преизборна кампања. Тој, сепак, рече дека и дава целосно подршка на полицијата и на нејзината работа во истрагата.

Според Адамс, тој никогаш не ја отфрлил својата поврзаност со ИРА, ниту тоа ќе го направи, но вели дека „ИРА повеќе ја нема, таа не постои и тоа време е завршено“. Тој изјави дека партијата Шин Феин останува и натаму целосно посветена на мировниот процес во Северна Ирска.

Официјален Лондон соопшти дека доцна синоќа за ослободувањето на Џери Адамс, телефонски разговарале британскиот премиер Дејвид Камерон и неговиот ирски колега Енда Кени.

Би можело да ве интересира

Кремљ: Ударот со хиперсонични ракети е предупредување за Западот

Глобална трговска војна, Британија избира помеѓу САД или ЕУ

Британскиот министер за одбрана: Очекуваме САД да ја поддржат Украина се додека е потребно

Високи британски функционери подготвија детален план во случај на смрт на познатиот мачор Лери од Даунинг Стрит

A1on

(ВИДЕО) Гори историската зграда Сомерсет во центарот на Лондон, пожарот го гаснат стотина пожарникари

A1on

(ВИДЕО) Нови немири во Британија, демонстрантите фрлаа со камења врз полицијата, има повредени

Горан Наумовски