Лидерите на ЕУ на самитот во Сибиу усвоија Декларација посветена на приоритетите на Унијата во следните пет години, со која членките се обврзуваат на единство, солидарност, заштита на европските вредности и посилна улога на Европа во светот.
Лидерите на ЕУ исто така се обврзуваат во наредниот период „да ја бранат единствена Европа“ и да нема место за поделби против заедничкиот интерес.
-Се обврзуваме дека ќе останеме обединети во добро и зло. Дека ќе покажеме солидарност во моменти на потреба, ќе застанеме заедно и ќе зборуваме со еден глас, се вели во Декларацијата.
Лидерите на ЕУ 27 се обврзаа и на барање заеднички решенија, како и заштита на европскиот начин на живот, демократија и владеење на правото.
– Ќе продолжиме да ги слушаме грижите и надежите на сите Европејци. Унијата да ја доближуваме кон граѓаните и да дејствуваме решително и амбициозно, е една од 10-те точки од Декларацијата.
Документот, исто така, зборува за поддршка на принципот на правичност во сите области, почнувајќи од пазарот на трудот, економијата, социјалните прашања, дигиталната трансформација.
-Ќе продолжиме да ги намалуваме разликите меѓу нас и секогаш ќе им помогнеме на најранливите Европејци, ставајќи ги луѓето пред политиката, се вели во Декларацијата.
Челниците на ЕУ се обврзаа за своите планови и акции да обезбедат адекватни средства, со цел да се справат со предизвиците на 21. век и да обезбедат иднина за генерациите на Европејците, кои доаѓаат.
Тие, како што е наведено во текстот на Декларацијата, со своите политики, како и соработката со меѓународните партнери, ќе ги штитат нејзините граѓани и ќе бидат одговорен лидер на глобалната сцена, во одржување на правниот поредок, но и во борбата против климатските промени.
– Унијата денес е посилна од вчера и сакаме да ја зајакнеме нејзината сила за утре. Тоа е обврска, која ја презедовме за идните генерации. Тоа е духот на Сибиу и новата Унија од 27 членки, подготвени како целина да зачекорат во иднината, се наведува во заклучокот на Декларацијата од Сибиу.