По осуммесечна континуирана активност добротворната медицинска организација „Лекари без граници“ ги завршува своите спасувачки операции во Средоземно Море, пренесе ДПА.
Организацијата соопшти дека во овој период спровела над 120 спасувачки и операции на потртага, во кои спасила 20.139 лица.
-Никој од луѓето кои ги спасивме на неудобните чамци немаше да преживее без нашата интервенција, изјави Стефано Аргенциано од „Лекари без граници“.
Тој го потенцира значењето на овие операции, дополнувајќи, меѓутоа, дека „ние сме лекари и потрагата и спасувањето на луѓето не би требало да е наша работа“.
-Имаме голема надеж дека во текот на 2016 година европските ресурси ќе бидат доволни за таа цел, така што нашите чамци нема да бидат неопходни, посочи Аргенциано во својата изјава.
„Лекари без граници“ подвлекуваат дека остануваат во готовност за да интервенираат доколку земјите членки на Европската унија не успеат да им помогнат на илјадниците луѓе, кои бегаат кон Европа.
-Апсолутно неопходно е ЕУ и земјите членки да обезбедат ресурси, што ќе бидат сеопфатни и активни, и способни да реагираат до еден час по приемот на сигнал за несреќа, изјави Брајс де ла Винге, директор на операциите на оваа организација.
Според него, активностите на потрага и спасување не можат да им стават крај на смртните случаи на луѓе во морето.
-Загубата на животи во море може да биде прекината преку воведување на политики и пракси кои ќе обезбедат безбедни и законски канали за пристигнување до ЕУ и ќе ја укинат неопходноста луѓето да прибегнуваат кон шверцерите, кои ги преполнуваат гумените и дрвени чамци за да стигнат до брегот на Европа, изјави тој.