Лавров: Ситуацијата во Украина е резултат на неконтролираното ширење на НАТО

Од:

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска изјави дека му рекол на генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш оти ситуацијата во врска со Украина во голема мера е резултат на неконтролираното ширење на НАТО.

– Како што гледаме, и тоа денеска му го објаснив на нашиот колега и пријател Антонио Гутереш, оваа ситуација е резултат на политиката на неконтролирано ширење на НАТО и инсистирање на монополарен свет, што го спроведуваат нашите американски колеги и нивните сојузници, рече Лавров на прес-конференцијата по средбата со генералниот секретар на ОН.

Тој додаде дека во фокусот на разговорите со генералниот секретар на ОН била ситуацијата во Европа, вклучително и настаните поврзани со Украина и самопрогласените Народни републики Доњецк и Луганск и оти до оваа состојба „не се дошло вчера“.

Рускиот министер за надворешни работи рече дека Русија е посветена на дипломатско решение на конфликтот во Украина, но го отфрли предлогот на Киев за одржување мировни преговори во украинскиот пристаништен град Мариупол, додавајќи дека е премногу рано да се зборува за тоа кој ќе посредува во какви било преговори.

Лавров изрази благодарност до генералниот секретар на ОН и неговиот тим за разбирањето на потребата „да се гледа ситуацијата во и околу Украина во контекст на глобалните процеси, а не изолирано од нив, и за препознавањето на трендовите во тие процеси кои земаат замав и не се секогаш во согласност со идеалите на ОН и со принципите содржани во Повелбата на ОН“, пренесоа руските медиуми.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Алаудинов: Ќе го уништиме НАТО до 2030 година

Украина користи балистички ракети со долг дострел кои тајно ѝ биле обезбедени од САД

Лукашенко: Украина ќе престане да постои доколку не се согласи на преговори

Во рускиот напад на регионот Черкаси повредени се шест лица

Стејт департментот официјално ја потврди тајната испорака на ракети со долг дострел на Украина

Бајден го потпиша законот за воена помош за Украина

Горан Наумовски