Ја потенцираме неопходноста од изградбата на „Јужен поток“ во предвидените рокови и ја потврдивме подготвеноста да го продолжиме конструктивниот дијалог со сите заинтересирани страни, како со државите кои учествуваат во проектот, така и со Европската комисија, изјави денеска шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на заедничкиот брифинг со својот бугарски колега Кристијан Вигенин.
Како што јавува БТА, Лавров престојува во посета на Бугарија на покана од бугарскиот министер за надворешни работи.
Првиот руски дипломат забележа дека руската страна е подготвена за развој на соработката со бугарските колеги и за други енергетски проекти, како и за други проекти воопшто, како на пример за проширувањето на фериботската врска Кавказ – Варна.
Рускиот министер изјави дека на средбата со Вигенин биле разгледани и проблемите во односите Русија – ЕУ. Според него, стратегиското партнерство меѓу Москва и Брисел треба да ја преживее актуелната етапа.
– Секој проблем треба да се решава врз взаемно прифатлива основа и „Јужен поток“ не е исклучок од тоа, рече Лавров во одговорот на прашање за тоа на какви отстапки е подготвена Русија.