Русиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров ги критикуваше денеска САД поради „богохулните“ обвиненија, со кои сирискиот режим се посочува како виновен за експлозијата во Алепо.
Коментирајќи ги извештаите на неколку американски медиуми дека сириските владини сили го извршиле терористички акт во Алепо рускиот министер рече дека „не може да замисли поголемо богохулство“, јави Танјуг.
Во одговор на прашањето дали тој инцидент ќе биде „јаболка на раздорот“ меѓу Москва и Вашингтон Лавров запрашал како едно терористичко дело може да биде причина за несогласување. – Терористичкото дело е терористичко дело, сите го доживуваат така, додаде рускиот министер.
Две експлозии одекнаа во вторникот во студентскиот град во Алепо, додека студентите полагале испити, при што загинаа 87 лица. Никој не ја презеде одговорноста, но Владата во Дамаск и бунтовниците меѓусебно се обвинуваат.
САД вчера соопштија дека експлозиите се предизвикани од воздушните напади на владините авиони врз универзитетските згради.