Курдските сили кои дејствуваат во Северен Ирак,успеале да ја пробијат одбраната на џихадистите на Исламска држава (ИД) во реонот на планината Синџар,каде илјадници Јазиди и припадници на други несунитски групи се наоѓаат во бегство од август оваа година.
Во соопштението на курдската команда во Ирбил,админстративниот центар на автономниот ирачки Курдистан се вели дека станува збор за најголемата досега победа на силите на Курдите против џихадистите.
Курдската офанзива во реонот на Синџар почнала во средата,потпомогната од воздушните сили на САД и на другите од анти ИД коалицијата,кои извршиле дури 45 воздушни напади.
Во копнените операции биле вклучени осум илјади курдски борци-Пешмерга- кои ги нападнале џихадистите од две страни,успевајќи да обезбедат широк коридор кој им овозможува на Јазидите и на другите бегалци да заминат од Синџар и да се враќаат во своите домови.
Раководителот на силите на Курдската безбедност,Масрур Барзани изјавил дека операцијата на извлекување на илјадниците бегалци почнала денеска.
Во военото соопштение на Пешмерга се вели дека џихадистите на ИД се разбегале кога забележале дека е пробиена нивната позиција,најголемиот дел кон Сирија,а во помал број кон ирачкиот град Мосул,што тие го имаат под своја контрола уште од јуни оваа година.
Странски безбедносни експерти во Багдад објаснуваат дека доколку Курдите навистина успеале да ја пробијат позицијата на џихадистите кај Синџар,тогаш е направен силен напредок во борбата против ИД во Северен Ирак.
Џихадистите контролираат широк простор во Сирија и во Ирак на кој објавија дека формирале исламистички калифат.