Американските сили денеска почнаа да се повлекуваат од североисточниот дел на Сирија пред турската инвазија, соопштија силите на сириските Курди кои ги поддржуваа САД во борбата против милитантите на Исламска држава.
Курдските борци го обвинуваат Вашингтон за непочитување на своите обврски кон клучните сојузници и наведуваат дека тоа ќе ги поништи достигнувањата во последните пет години во борбата против ИД.
Американските сили почнаа да се повлекуваат само неколку часа откако Белата куќа најави дека ќе ги повлече своите сили од североисточна Сирија.
Турција во повеќе наврати се закани дека ако не биде формирана безбедносна зона долж границата со Сирија, за што беше постигнат договор со САД, ќе изврши инвазија врз североисточниот дел на соседната земја.