Кулеба: Русија најверојатно ќе остане на дипломатскиот пат со Киев и Западот во следните две недели

Од:

Шефот на украинската дипломатија, Дмитро Кулеба, денеска изјави дека Русија најверојатно ќе остане на дипломатски пат со Киев и Западот најмалку во следните две недели, но ќе продолжи да се обидува да ја дестабилизира неговата земја.

И покрај тоа што ги собра своите воени сили во близина на украинската граница, Русија во неколку наврати изјави дека не планира да ја нападне Украина.

-Ништо не се промени, што е лошата вест, рече Кулеба на прес-конференција во Копенхаген откако Русија вчера во Париз преговараше за безбедносните прашања со дипломати од Украина, Франција и Германија.

„Но, добрата вест е што советниците договорија средба во Берлин за две недели, што значи дека Русија најверојатно ќе остане на дипломатскиот пат во следните две недели“, додаде Кулеба по средбата со својот дански колега, Јепе Кофод.

Преговорите во таканаречениот Нормандиски формат, наречени така затоа што првпат се одржаа на северот на Франција, може да се толкуваат како чекор кон смирување на тензиите во источна Украина.

-За жал, најголемото барање на Русија е Украина да преговара директно со руските претставници во Доњецк и Луганск, место да преговара со Русија. Тоа нема да се случи, тоа е прашање на принцип, изјави Кулеба.

Доњецк и Луганск се самопрогласени републики во регионот Донбас, во источна Украина.

Кулеба кажа дека Украина се подготвува за сите сценарија, но дека главната стратегија на Русија сега е да ја дестабилизира Украина, што вклучува употреба на тактики за хибридно војување, како што се кибер напади и кампањи за дезинформација.

-Сметаме дека воената операција е една од нивните опции, но не и главната, рече Кулеба.

Русија верува дека кризата е предизвикана од НАТО и САД и бара безбедносни гаранции од Западот, вклучувајќи го и ветувањето на НАТО дека никогаш нема да ја прифати Украина.

Во вчерашниот писмен одговор на руските барања за безбедносни гаранции САД ја потврдија својата поддршка за „политиката на отворени врати на НАТО“, нудејќи “принципиелна и прагматична проценка“ за грижите на Кремљ.

Кулеба изјави дека го видел делот од одговорот што се однесува на Украина и дека за тоа нема никакви забелешки.

-Морам да ја пофалам отвореноста на администрацијата на Бајден за консултациите со нас, пред да разговараме со Русите, рече Кулеба, додавајќи дека сите договори направени без Украина нема да бидат прифатени.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Украина користи балистички ракети со долг дострел кои тајно ѝ биле обезбедени од САД

Лукашенко: Украина ќе престане да постои доколку не се согласи на преговори

Во рускиот напад на регионот Черкаси повредени се шест лица

Стејт департментот официјално ја потврди тајната испорака на ракети со долг дострел на Украина

Бајден го потпиша законот за воена помош за Украина

Горан Наумовски

Руските војници ја уништија работилницата на украинската армија за производство на беспилотни летала