Куба и ЕУ постигнаа значаен напредок за време на четвртиот круг од преговорите, кој заврши вчера во Брисел, за политички дијалог, соработка и трговија, соопшти кубанското Министерство за надворешни работи.
Унијата и Куба планираат до крајот на годинава да потпишат рамковен договор за политички дијалог и соработка.
– Заврши преговарачката фаза по прашања за основите на трговскиот договор, а постигнат е значаен напредок, што се однесува до соработката, се наведува во соопштението.
Според кубанското МНР, разговорите поминале „во конструктивна и професионална атмосфера“, а тимовите закажале петти преговарачки круг во септември во Хавана.
Хавана и Брисел преговараат за нормализирање на односите, со цел да ги надминат меѓусебните разлики во врска со човековите права, а моментно Куба се обидува да започне таков процес и со САД.