Виенскиот дневен весник „Кронен цајтунг“ објави дека САД планирале при евентуален судир меѓу Истокот и Западот, да фрлат атомска бомба на само 66 километри од Виена.
Весникот се повикува на документ од американската архива, во кој се наведува дека требало да се детонираат 77 нуклеарни бомби во близина на границата со Австрија, поточно во местото Хегјешхал во Унгарија, на границата со Австрија.
Австрија и Виена би биле загрозени со една таква акција, бидејќи американските сили планирале да ги уништата сите 1.100 бази на источниот блок употребувајќи нуклеарни бомби. Хегјешхал е седум километри од границата со Австрија и 66,3 километри од Виена, истакнува „Кронен цајтунг“.
Весникот посочува и дека мети биле и унгарското село Чорна на 94 километри од Виена, чешкото Брно на 110 километри од главниот град на Австрија, како и Прага.
Во тие нападите би загинале повеќе десетици илјади жители на Австрија.
Исто така било планирано на источен Берлин да се фрлат 91 хидрогенски бомби со сила од 630 бомби, каква што е фрлена на Хирошима, а над Будимпешта – 120, над Варшава – 15, а над Москва 149 бомби.
Документот е под наслов „Стратешка воздушна команда“ од 1956 година при евентуална војна меѓу Истокот и Западот со цел во најкраток рок да се уништи СССР и неговите сојузници.
Меѓу метите биле и Букурешт, Пекинг и Пјонгјанг.