Главниот командант на руската Национална гарда, поранешен личен телохранител на рускиот претседател Владимир Путин, Виктор Золотов денеска изјави дека „специјалната воена операција“ не се одвива според планот.
Тој им се обрати на Русите по православната богослужба во московската црква Христос Спасител.
„Сакам да ве информирам вас и сите присутни парохијани дека единиците на Националната гарда, заедно со вооружените сили на Руската Федерација, ги исполнуваат сите задачи поставени за време на оваа воена операција“, рече Золотов, пренесе руски Тасс.
„И сакам да кажам дека сè не оди толку брзо како што би сакале, но само затоа што нацистите се кријат зад цивили, стари луѓе, жени, деца, организирајќи борбени позиции во градинките, училиштата и станбените згради“, додаде тој.
„Но чекор по чекор одиме кон зацртаната цел. Победата ќе биде наша“, додаде тој.
Золотов рече дека „иконата Христова ќе ја заштити руската армија и ќе ја забрза победата“.