Ураганот Сенди зад себе остави урнатини, поплави и милиони Американци во темница. Сеуште нема официјални пресметки, но аналитичарите велат дека ударот ќе ги чинат САД околу 20 милијарди долари.
Компанијата „Еквикет“ вчера ја соопшти прогнозата дека налетот на ураганот ќе предизивка 10 милијарди долари наплатлива штета и барем уште толку штета која нема да ја покријат осигурителните компании.
Некои дури одат и со сума од 100 милијарди долари, а професорот на Универзитетот Мериленд, Питер Моричи кој го споредува „Сенди“ со ураганот „Ајрин“ уверен е дека вкупната штета ќе биде најмалку 45 милијарди долари.
„Минатата година пред ударот на Ајрин се проценуваше дека штетата ќе биде седум милијарди долари, но подоцна тие нараснаа на 15 милијарди. Истото го очекувам и сега“, рече тој.
Берзата вчера не работеше, што е прв пат од 1985. година кога невреме ја затвори вратата на Волстрит. Таа останува затворена и денеска, што ќе биде прв пат поради невреме „финансискиот центар на светот “ да не работи два дена по ред.
Аналитичарите од компанијата „Мудис“ проценуваат дека секој ден на своевидна блокада на Њујорк и Вашингтон ќе значи губиток од по 10 милијарди долари на и така паднатата американска економија.
Не е невозможно поради штети во рафинериите, железниците и патиштата да скокне цената на нафтата, а се претпоставува дека и авио компаниите губат секој ден по 10 милиони евра поради откажаните летови. Вкупниот трошок само во таа гранка би можел да биде и до 450 милиони долари.
Затоа се смета дека вкупната штета ќе биде на ниво на историскиот ураган кој го погоди Лонг Ајленд во 1938. година што пресметано за денешни услови би чинело околу 47 милијарди долари.