Американскиот државен секретар Хилари Клинтон за време на денешниот неколкучасовен престој во Тирана ја искажа големата американска поддршка за Албанија, јави дописникот на МИА од Тирана.
На меѓународниот аеродром „Мајка Тереза“ Клинтон ја пречека нејзиниот колега Едмонд Панарити, по што најпрво таа имаше средба со претседателот на Албанија Бујар Нишани, кој ја одликува со орден со национално знаме, како и со премиерот Сали Бериша. Клинтон се обрати пред пратениците на албанскиот Парламент, а посетата ја заврши со средбата со Еди Рама, лидер на опозициските социјалисти.
Во обраќањето пред албанските пратеници таа порача дека САД со Албанија ќе бидат засекогаш.
– САД биле со вас изминатите сто години и ќе бидат со вас и наредните сто и наредните 100 и после тоа, засекогаш, изјави Клинтон.
Таа истакна дека е горда што престојува во Тирана токму на почетокот на месецот, кога Албанија одбележува 100 години од независноста.
– Изборите во 2013. да бидат отворени и балансирани, со цел на народот да му се создаде верба кон лидерите, како и на ЕУ, каде Албанија бара да биде членка. Ја нагласувам и потребата за борба против корупцијата, како и соработката меѓу партиите. Упатувам апел до раководството на Албанија, но и до граѓаните да работат во спроведување успешни избори, порача Клинтон во албанскиот Парламент.