Кина на Прага и се заканила со влошување на односите поради средбата на политичарите со тибетскиот духовен лидер Далај Лама и поради тоа чешките политичари излегоа со официјален став за почитување на територијалниот интегритет на Народна Република Кина, во чиј состав е Тибет, коментира чешката јавност.
Според чешкиот премиер Бохуслав Соботка, објавувањето на официјалниот став на највисокиот политички врв за почитување на суверенитетот на кинеската држава, било одлука на Кабинетот на претседателот на државата Милош Земан, јави дописникот на МИА. Постапката наиде на критики од останатите политичари и аналитичарите кои коментираат дека на тој начин се покажува сервилност кон Кина.
Далај лама изминатите денови учествуваше на Конференцијата Форум 2000, која традиционално ја почна неговиот голем пријател поранешниот чешки претседател Вацлав Хавел, кој почина во декември 2011 година.
Со Далај Лама се сретнаа министерот за култура Даниел Херман, вицепремиерот Павел Бјелобрадек и министерот за човекови права Јиржи Динстбир, а претставници на Министерството за надворешни работи објавија дека Далај Лама е во приватна посета на Чешка.