Осум кинески бродови денеска сè уште пловеа во водите околу Тајван, а беа регистрирани дваесетина кинески авиони, објави Министерството за одбрана на островската држава, по завршувањето на тридневните кинески воени вежби. Кинески воени бродови и авиони сè уште беа околу Тајван во вторникот, објави Тајпеј, еден ден откако Пекинг објави крај на своите големи воени маневри.
Кина утринава мобилизираше „воени авиони и ја премина централната линија од север, центар и југ“, соопшти тајванското Министерство за одбрана, мислејќи на неофицијалната граница што ја дели континентална Кина од Тајван. Министерството објави дека изброило девет кинески воени бродови и 26 авиони околу островот. Бродовите биле откриени околу 11 часот по локално време, се додава во соопштението.
Во вторникот, тајванскиот парламент ги повика кинеските власти веднаш да престанат да го заплашуваат Тајван и ја повикаа меѓународната заедница заеднички да ја осудат Кина. Во саботата, Пекинг започна тридневни воени вежби околу Тајван, за време на кои се одржаа симулации на целни напади и вежба за опкружување на островот, кој има автономна администрација, но за кој претендира Кина.
Вежбите беа одговор на средбата на тајванскиот претседател Цаи Инг-вен со претседателот на Претставничкиот дом на САД, Кевин Мекарти, минатата недела во Калифорнија. Во меѓувреме, Цаи остро ја критикуваше Кина дека ја искористила нејзината посета на САД како оправдување за воените вежби.
„Ова не е одговорен однос на една суперсила во регионот“, рече таа во видеото објавено во вторникот. Таа им се заблагодари на членовите на вооружените сили на Тајван и крајбрежната стража што останаа смирени во услови на тензија.
Во понеделникот Тајван набљудуваше 91 кинески авион во областа околу островот, што е најголем број досега, а вкупно 54 авиони влегоа во југозападниот и југоисточниот воздушен простор на Тајван. Во исто време, дванаесет бродови на кинеската морнарица беа забележани околу Тајван во понеделникот.
Командата на кинеската војска во источниот дел на земјата, чија јурисдикција го опфаќа и Тајванскиот теснец меѓу двете земји, објави дека вежбите служат како предупредување за силите за независност на Тајван и странското мешање. Тајван има независна влада од 1949 година, но Кина го смета за дел од својата територија.