Кинеската армија вчера го доби својот прв носач на авиони, кој всушност е обновен поранешен советски брод.
Церемонијата за вклучување на носачот на авиони во военопоморските сили на Кина се одржа во североисточното пристаниште Далјан. На поранешниот советски брод, кој некогаш се викаше „Варјаг“, беше издигнато државното знаме на Кина, а исто така и знамињата на Народноослободителната армија и на военопоморската флота. – Неговото пуштање во употреба ќе се случи подоцна, пишува кинескиот весник „Глобал тајмс“, кој се објавува на англиски јазик.
САД и Јапонија побараа од Кина да појасни зошто има потреба од поранешниот советски брод, кој го купи од Украина во 1998 година. Пекинг минатата година ги потврди своите планови за модернизирање на стариот носач на авиони, нагласувајќи дека бродот нема да претставува закана за соседните земји и оти ќе биде исполнуван за обука и научни истражувања.
Кинеската Народноослободителна армија, која е најголемата во светот, е исклучително дискретна, во однос на нејзините програми за одбрана, кои се повеќе се финансираат, поради растечкото темпо на економскиот развој во земјата.
„За разлика од повеќе други држави, Кина никогаш нема да го испраќа својот носач на авиони во територијалните води на други држави и ќе се придржува кон политиката со одбранбен карактер“, рече Чен Бинд, началникот на генерал-штабот на кинеската армија .