Првата директна билатерална средба на високо ниво меѓу виетнамскиот потпретседател Пан Бин Мун и кинескиот државен секретар за надворешни работи Јанг Јиечи одржана по масовните антикинески протести во Виетнам, што денеска заврши во Ханој, не ги даде очекуваните резултати.
На средбите требаше да се разговара за зголемената напнатост во односите меѓу Кина и Виетнам по големите антикинески поротести во Виетнам, предизвикани со поставувањето на нафтани платформи во Јужното Кинеско Море на територија која двете држави ја сметаат за своја.
Наспроти оптимистичките најави дека споровите ќе ги решаваат дипломатите, што особено доаѓаа од политичкиот врв на АСЕАН, двете страни си соопштиле дека остануваат на постојните ставови за сувереност над спорните подрачја во Јужното Кинеско Море.
Кинескиот дипломат побарал Виетнам да не се меша во процесите околу поставувањето на нафтените платформи и дека треба да преземе посеопфатни чекори за смирување на антикинеското расположение во Виетнам.
Поставувањето на кинески нафтени платформи во Јужното Кинеско Море, што започна во мај предизвика бранови насилни протести во кои беа убиени пет, а ранети стотина кинески државјани, што работеа во виетнамски фабрики, кои се кинески инвестиции.
Тензиите ги поткреваат и голем број на инциденти меѓу кинески и виетнамски бродови во спорните подрачја, кои за сега, завршуваат само со отстранување на виетнамските бродови со употреба на водени топови од страна на бродовите на кинеската воена морнарица.