Лидерот на Северна Кореја Ким Џонг-ун ги предупреди раководителите на владеачката Работничка партија дека земјата минува низ „тешка економска“ криза и повика на воведување итни мерки за решавање на ситуацијата, пренесоа денеска тамошните медиуми.
Во текот на викендот почна пленарното заседание на партијата, неколку дена пред крајниот ултиматум што Северна Кореја им го постави на САД во преговорите за денуклеаризација.
Пјонгјанг вети, доколку нема напредок во преговорите до крајот на годината, дека Вашингтон ќе добие „божиќен подарок“.
Ким, кој претседава со заседанието, изјави дека е дојдено време за донесување одлуки за економскиот развој на земјата. На претставнците на партијата тој им ги претстави „задачите“ што треба да ги спроведат за „ итно да се поправи тешката ситуација“ во економијата, пренесе северонокорејската агенција КЦНА.
Северна Кореја никогаш не ги соопштува своите стратешки податоци, а едниствените информации за економијата на земјата доаѓаат од странство.
Јужнокорејската Централна банка во јули соопшти дека економскиот раст на Северна Кореја, погодена од меѓународните санкции, е намален за 4,1 отсто во 2018 година, што е најголемиот пат од големата криза во 90-тите години на минатиот век.
Преговорите за севернокрејската нуклеарна програма се во застој од неуспешниот самит меѓу Ким Џонг-ун и американскиот претседател Доналд Трамп, што се одржа во февруари во Виетнам.