Капацитетите на Кипар се на располагање на Франција во борбата против Исламска држава, изјави денеска шефот на кипарската дипломатија Јоанис Касулидис.
Тој додаде дека досега Франција не побарала помош, но оти Никозија е подготвена да помогне ако е неопходно.
– Сакам да потенцирам дека ќе ги чекаме француските власти, ако сакаат да побараат помош. Со задоволство ќе им пружиме солидарност и помош, наведе Касулидис.
Военовоздухопловната база на западниот брег на Кипар веќе е отстапена на западните сили за хуманитарни мисии или за вонредни следувања.
Касулидис, на заедничката прес-конференција со британскиот министер за надворешни работи Филип Хаманд, истакна дека не било побарано од Никозија да ги поддрржи мисиите против ИД, додавајќи оти Кипар целосно ги поддржува операциите од британските бази на Островот.
Претходно, Франција побара Европската унија да ја активира клаузулата за пружање помош, што е прво такво барање од земја-членка. Според клаузулата за солидарност земјите-членки на ЕУ дејствуваат заедно во случај на терористички напад или катастрофа предизвикана од човекот.
Предвидено е ЕУ да ги мобилизира сите средства, вклучително и воените капацитети за да спречи терористички напад, за да ги заштити демократските институции, да ги поддржи властите на земјата која била жртва на терористички напад.
Кипар е најблиска земја-членка на ЕУ до Сирија. Островот веќе е искористен како пункт на британските бази во Кипар за напади врз цели на ИД во Ирак.