Долгогодишниот лидер на кубанската револуција Фидел Кастро (88) испратил писмо до фудбалската легенда Диего Марадона, со цел да ги побие гласините за својата наводна смрт. Ова е прв пат Касто да се огласи по речиси три месеци.
Телевизиската мрежа „Телесур“ која што ја основаа Венецуела, Куба и нивните сојузници, објави фотографија на Марадона на која држи писмо со потпис од Фидел Кастро и на кое стои 11-ти јануари.
Како што пренесе „Асошиејтед прес“, „Телесур“ не ја откри содржината на писмото, но наведе дека со него се побиваат гласините дека Кастро починал. Меѓутоа оваа телевизија не објави и фотографии од Кастро, кој во јавноста не се појавува повеќе од една година.
Пред неколку дена на социјалните мрежи ширум светот се појавија гласини за смрт на поранешниот кубански лидер.
Минативе децении во повеќе наврати имаше слични шпекулации во заедниците на кубанските иселеници, особено кога поради болест Кастро беше принуден да ја напушти претседателската функција во 2006 година.
Како што се наведува новиот бран на гласини е покренат поради тоа што тој не се огласи за да го коментира повторното воспоствување на дипломатски односи помеѓу САД и Куба.
Е. Г.