Авганистанскиот претседател Хамид Карзаи денеска потврди дека планира да се повлече од власт следната година, кога му истекува мандатот.
– Останувањето на функцијата претседател по 2014 година не доаѓа предвид, истакна Карзаи на прес-конференција во Осло, одговарајќи на прашањето за наводните шпекулации дека сака уште еден мандат.
– Ниту сакам трет мандат, ниту Уставот тоа ми го дозволува. Ќе има избори и ќе се избере нов претседател, нагласи Карзаи.
Карзаи беше избран во 2004 година, а во 2009 година доби уште еден мандат на избори кои ги обележаа обвинувања дека се наместени.
Следните претседателски избори во Авганистан се планирани за април 2014 година, само неколку месеци пред НАТО да ја заврши мисијата во оваа земја.