Авганистанскиот претседател Хамид Карзаи денеска потврди дека Националниот совет за безбедност, кој е дел од неговата администрација, во последните 10 години добивал пари од ЦИА, но дека тие суми „не биле големи“.
– Оваа помош беше многу продуктивна и ние им благодариме, истакна Карзаи, нагласувајќи дека парите добиени од ЦИА биле користени „за добри работи“, меѓу другото и за помош на ранетите и болните.
Во денешното издание на весникот „Њујорк тајмс“ е објавена вест дека ЦИА за повеќе од 10 години на канцеларијата на авганистанскиот претседател и дала десетина милиони долари во готово, спакувани во патни торби.
– Ние тоа го нарекуваме невидливи пари. Дошле тајно и заминале тајно, тврди за весникот Халил Роман, кој бил заменик шеф на кабинетот на Карзаи од 2002 до 2005 година.
ЦИА давала пари за да добие влијание, но само придонела за ширење на корупцијата, истакнале за весникот актуелни и поранешни функционери.
Одамна се тврди дека САД им даваат пари на приврзаниците во Авганистан и во Ирак, меѓутоа „Њујорк тајмс“ е еден од првите кој објави конкретна сума дадена за канцеларијата на Карзаи.