Пакистанскиот премиер Имран Кан денеска изјави оти неговата земја не е поврзана со минатонеделниот самоубиствен бомбашки напад во Кашмир, при што загинаа 44 припадници на индиските безбедносни сили.
Кан нагласи дела само со дијалог може да се намалат тензиите во меѓусебните односи, но оти Пакистан ќе возврати ако Индија нападне.
Тој додаде дека Индија „го обвинила Пакистан без никакви докази“, како и дека Владата во Исламабад е подготвена да соработува со Њу Делхи во рамки на истрагата за експлозијата во Кашмир.
Претходно, врховниот командант на индиската армија во спорниот регион Кашмир изјави дека пакистанската разузнавачка агенција (ИСИ) била вмешана во нападот врз конвојот на индиските безбедносни сили.
– Ги следевме лидерите кои се кријат зад овој напад, а кој е оркестриран од пакистанска страна. Нападот беше под контрола на ИСИ, Пакистан и командантот на Јаиш-е-Мохамад (ЈеМ), изјави индискиот генерал-полковник К.Џ.С. Дилон.
Веднаш по нападот, индискиот премиер Нерендра Моди го обвини Пакистан и вети силна одмазда.
– Ќе испратиме соодветен одговор, нашиот сосед нема да може да не дестабилизира, изјави Моди на 15 февруари.
Одговорноста за нападот ја презеде исламистичката милитантна група Јаиш-е-Мохамад (ЈеМ), чие седиште е во Пакистан.
– Индија ќе се погрижи по дилломатски пат во целост да го изолира Пакистан. Како прв чекор, Индија ќе и го одземе статусот на Пакистан на повластена нација во трговијата со Индија. Министерството за надворешни работи ќе ги преземе сите можни чекори, а јас сум овде за да ги потенцирам сите дипломатски напори за целосна изолација на Пакистан од меѓународната заедница, изјави минатата недела шефот на индиската дипломатија Арун Џејтли.
Индиските безбедносни сили се борат против исламистичките милитанти во Кашмир од вооружениот бунт, што почна во 1989 година, при што се убиени десетици илјади луѓе, но нападите со автомобили-бомба се ретки.
Последниот голем напад во Кашмир беше во 2016 година кога милитантите нападнаа камп на индиската армија во градот Уриј, при што загинаа 20 војници.
Моди ја презеде власта во 2014 година со ветување дека „ќе го смири мислиманскиот Пакистан“, со кој Индија двапати војуваше по стекнувањето независност од Велика Британија во 1947 година.
Кашмир е регион за кого Индија и Пакистан со децении имаат спор. Во Кашмир поголемиот број жители се муслимани. Индија го обвинува Пакистан дека финансиски ги поддржува милитантите. Исламабад тврди дека на кашмирските муслимани му пружа само морална и дипломатска поддршка во нивната борба за самоопределување.