Британскиот премиер Дејвид Камерон ќе остане воздржан при гласањето во Парламентот, за тоа дали Лондон да ја признае Палестина како независна држава, соопшти Даунинг стрит 10.
Лабуристичкиот пратеник Греам Морис, покрена иницијатива за гласање во Долниот дом на британскиот Парламент, што денеска го прифати и лабуристичката влада во сенка.
Ова гласање има само симболично значење и резултатот нема обврзувачки карактер за Владата, но може да остави меѓународни последици.
Генералното собрание на ОН во 2012 година со гласање одлучи да се подигне статусот на Палестина во Светската организација, од „набљудувач“ во „држава-набљудувач нечленка на ОН“. За ваквата иницијатива на палестинската делегација гласаа 138 земји, девет беа против, а 41 останаа воздржани, меѓу кои и Велика Британија.
Британската позиција пред две години, а и сега е признавањето на државниот статус да се изврши билатерално, тогаш кога тоа ќе може најдобро да помогне за постигнување мир.
Лабуристичкиот пратеник Морис смета дека Владата во Лондон треба да ја призане Палестина како држава, покрај признавањето и на израелската држава.
Вакви иницијативи има во повеќе земји од Европа. Израелската влада смета дека сегашното признавање на палестинска држава е „преурането“, како и дека тоа ќе ги поткопа напорите за обезбедување трајно мировно решение.