Британскиот премиер Дејвид Камерон рече синоќа во новогодишната порака дека државата се движи во вистинска насока за сите главни прашања и оти 2013 година може да се очекува со реализам и оптимизам.
Камерон наведе дека државата направила напредок во намалување на буџетскиот дефицит, реформи во здравството и подобрен стандард на школството. Тој додаде дека неговата администрација нема да дозволи намалување на темпото за намалување на дефицитот или откажување од реформи во здравството или образованието.
– Може да гледаме во иднината со реализам и оптимизам. Со реализам, бидејќи не може преку ноќ да се решат проблеми што постојат со децении. Нема брзо решение и јас нема поинаку да тврдам, оцени Камерон.
– Но, може да бидеме оптимисти бидејќи имаме напредок, потенцира британскиот премиер.
Тој вели дека државата оди во добра насока бидејќи буџетскиот дефицит според прогнозите треба да биде за четвртина помал за Нова година отколку во 2010 година и оттогаш половина милион луѓе добиле работа.