Британскиот премиер на заминување, Дејвид Камерон изјави денеска дека Велика Британија во наредниот период ќе се соочува со „разбранувано море“.
Во парламентарната дебата во Долниот дом, со прашања и одговори со пратениците, прва откако Велика Британија гласаше за напуштање на ЕУ и по неговото повлекување од функцијата, рече дека последиците за земјата, по изгласаниот Брегзит на референдумот, ќе бидат мошне тешки.
Камерон главнината на своето предупредување, овојпат, го насочи кон потребата од зачувување на територијалниот интегритет на земјата.
– Сега е од првостепено значње да се зачува Велика Британија, -рече актуелниот премиер, мислејќи на првичните реакции од Шкотска и од Северна Ирска по референдумот.
Шкотскиот прв министер Никола Старџен денеска престојува во Брисел, каде со челниците на ЕУ ја разгледува „правната страна“ за тоа како Шкотска да остане во ЕУ, иако Британија се определи за Брегзит.
Старџен засега ја одложи одлуката за втор референдум за независност, но таа можност сега не ја исклучува инсистирајќи дека ќе стори се да ги зачува виталните интереси на Шкотска, во кои на прво место е членството во ЕУ.
Во Северна Ирска, но и во Даблин, на Брегзит се гледа како на напад врз ирските интереси.
Лидерите на ирската партија Шин Феин која е дел од власта во Северна Ирска, порачаа дека „одлуката на Англичаните“ да излезат од ЕУ, ќе значи одново граница меѓу Северот и Југот на островот.
Тоа според нив го доведува во прашање договорот од Стормонт, на Велики петок пред 18 години, и отвора пат за референдум за реунификација на Ирска.
Камерон, како и поранешните премиери Тони Блер и Џон Мејџор, во текот на кампањата за референдумот, предупредуваа на заканата Брегзит да го загрози интегритетот на земјата, но групата која агитираше за напуштање на Унијата, ги отфрлаше таквите укажувања, како претерани.
Актуелниот премиер предупреди денеска и на тешките преговори што престојат за раздружување, посебно околу барањато за останување на заедничкиот пазар на ЕУ. Евроскептичниот блок кај конзервативците, сепак, останува на позициите на претходната анти-ЕУ еуфорија и барањето за посебен статус за Британија.
Тоа веќе го споменаа некои од претендентите за наследник на Камерон, иако од Брисел им се порачува дека нема да има договор „а ла карт„ за Лондон, како и дека за пристап до заедничкиот пазар ке мора да ги прифатат сите ЕУ критериуми.